Истражувачите од Универзитетот Лунд во Шведка откриле дека малата птица пиштарка може непрекинато да лета 10 месеци, без воопшто да ја допре земјата.
Научниците одамна претоставуваат дека оваа мала птица може многу долго да остане во воздух. Но благодарение на минијатурни електрични уреди со помош на кои биле следени 13 птици, ова се првите докази досега.
Според извештајот од истражувачите, три од птиците воопшто не се спуштиле на земја 10 месеци. Тие престојувале на земја само два месеци, за време на сезоната за парење, а потоа повторно полетувале.
Со помош на минијатурните уреди, тешки помалку од еден грам, што биле поставени на грбот на птиците, истражувачите можеле да следат дали птиците се во воздух или не, колку брзо летаат и локацијата каде се наоѓаат. Дури и птиците кои на кратко слетувале, 99,5 проценти од времето биле во воздух, за време на периодот на преселба.
Птиците кои останувале во воздух речиси цела година, добивале нови пердуви на крилата и опашката во периодот додека летале. Птиците кои повремено слетувале не добивале нови пердуви, што според мислењето на истражувачите може да ги објасни разликите во летањето и нивната општа кондиција.
Со ова, малата пиштарка го надмина рекордот од шест месеци непрекинат лет што го држеше нејзината блиска роднина, големата пиштарка. Овие птици, за време на својот животен век, кој трае просечно 5,5 години, можат да патуваат милиони километри помеѓу Европа и Африка, за време на годишните преселби.
Следното прашање за истражувачите е како успеваат птиците да го постигнат ова. Потребно е многу енергија за да се остане толку долго во воздух, а тука е и прашањето како тие спијат – ако воопшто им е потребен сон. (Прочитајте повеќе на Енаука.мк: Дали птиците спијат додека летаат“).
Резултатите од истражувањето се објавени во „Current Biology“ .
Во видеото подолу, погледнете ја малата пиштарка на дело.