На 12 мај 2016 година, во пустината покрај Лас Вегас, старт-ап компанијата „Hyperloop One“ за прв пат ја тестираше својата „hyperloop“ технологија (нов вид на транспортен систем со огромна брзина) и демонстрираше дека нивниот погонски систем навистина функционира.
Според извештаите, моторот за време на кратката тест-патека успеал успешно да забрза количка од 0 до 96 km/h за 1 секунда, генерирајќи сила од 2,5 Gs.
Овој првичен тест не го вклучувал познатиот „loop“ дел од технологијата, па не е демонстрирано колку брзо може да се движат овие колички без воздушен отпор, но според резултатите, истиот овој мотор во целосен прототип хипотетички би можел да придвижува возило до неверојатни брзини од 1.126 km/h.
Уште откако Илон Маск ја објави својата идеја за ваков вид на превоз, кој вклучува цевки со низок притисок поставени на потпори високо над земјата, низ кои патниците и товарот ќе се движат со максимална брзина од преку 1.000 км. на час, сместени во капсули кои ќе бидат придвижувани од линеарни мотори и компресори на воздух, научниците беа навистина возбудени со оглед на огромната брзина и алтернатива на возовите, а потенцијално и на авионите.
Доколку се изгради, „hyperloop“ би можел да ве однесе од Лос Анџелес до Сан Франциско за само 30 минути, или од Њујорк до Кина за само 2 часа.
И сега го имаме првиот видео доказ дека таков мотор што би придвижувал таков систем навистина функционира:
https://www.youtube.com/watch?v=vZZksTnGs5M
Иако ова видео не изгледа импресивно, со оглед на тоа дека количката се движи многу малку и се’ уште нема кочници поради што кочи со помош на песок на крајот, научниците истакнуваат дека целта на овој тест била да се постигне голема брзина, да се покаже дека новата технологија на елекромагнетен погон навистина може да ја придвижи количката, и во тој поглед тестот е успешен.
Следниот чекор на компанијата е да изгради целосен прототип и планира да го направи тоа до крајот на 2016 година. Кога ќе биде готово, би изгледало вака: