Птичји јајца откриваат траги од долготрајни загадувачи во екосистемите

Истражување на јајца од диви птици во Шпанија покажало дека загадувачите можат да останат во природата со децении и да се насобираат во врвот на синџирот на исхрана. Научниците анализирале неизнесени јајца од 14 видови собирани во периодот од 2014 до 2024 година и во нив пронашле траги од забранети, но и од сè уште користени пестициди и фунгициди.

Работата, објавена во списанието Ecotoxicology and Environmental Safety, ја спровеле Универзитетот во Кордоба и Андалузискиот центар за анализа и дијагноза на дивиот свет. Според истражувачите, јајцата се корисен биоиндикатор затоа што нудат директен увид во тоа кои хемиски соединенија циркулираат во една средина.

Меѓу откриените супстанции имало и остатоци од ДДТ, инсектицид забранет во 70-тите години на минатиот век поради неговото штетно дејство врз здравјето и екосистемите. Иако е забранет со децении, овој загадувач и натаму се појавува во природни системи, што укажува на неговата упорност и долготрајно задржување во животната средина.

Особено ранливи се грабливките, кои стојат високо во синџирот на исхрана и затоа акумулираат повеќе загадувачи. Кај видови како брадестиот мршојадец, што положува само едно до две јајца годишно, дури и мал пад во успехот на размножувањето може да има сериозни последици. Истражувачите забележуваат дека присуството на ДДТ е поврзано со потенка лушпа, што го зголемува ризикот од губење влага и навлегување микроорганизми.

Авторите заклучуваат дека ваквите анализи се важни не само за заштита на ретките видови, туку и за навремено откривање на нови загадувачи, вклучително и микропластика. Во рамки на пристапот „Едно здравје“, резултатите потсетуваат дека здравјето на животните, луѓето и екосистемите е тесно поврзано.