Рака како супер херој

3Д принтерите може да бидат од особена корист. Се покажа дека тие можат да бидат совршени за изработка на евтини протези.

Изненудувачки е колку голем број на деца имаат потреба од протези. Едно на 1000 деца се раѓа со недостаток од прсти, а  огромен број деца ги губат прстите и дланките како последица на разни повреди.

Софистицираните протетски замени се сложени направи кои се напојуваат со помош на батерии или електричен мотор и може да чинат илјадници долари. Дури и ако децата можат да управуваат со таа опрема, тие многу брзо растат што уште повеќе ја усложнува состојбата. Затоа најчесто остануваат без протези, борејќи се со една рака да го направат тоа што останатите го прават со двете раце.

„E-nable“ е онлајн волонтерска организација која има за цел да го промени ова. Основана во 2013 година од Џон Шул, групата ги спојува децата што имаат потреба од протетски дланки и прсти со волонтери кои можат да им ги изработат на 3Д принтер. Дизајнот може да се преземе бесплатно и членовите кои го креираат новиот модел слободно ги делат своите софтверски планови со другите.

Материјалот за овие 3Д протетски дланки чини од 20 до 50 долари и некои експерти тврдат дека тие функционираат подеднакво добро, ако не и подобро од скапите уреди. И што е најдобро од сѐ, и момчињата и девојчињата најчесто ги сакаат овие протези бидејќи тие не се дизајнирани да изгледаат како заменски делови.

Еден од популарните модели – „Cyborg Beast“, изгледа како рака од „Transformer“. „Raptor Hand“ и  „Talon Hand 2.X“ не навестуваат инвалидитет, туку „супер моќ“, како од стриповите. Тие и не се направени да се сокријат – можат да се направат во различни флуоресцентни бои, или да светат во темница.

Прстите се затвораат со виткање на рачниот зглоб – што повлекува жица – „тетива“, а со повторно движење на зглобот дланката се отвора. Дланката се печати во делови, а составувањето го прават волонтерите, родителите или самите деца.

„Имаме неколку илјади луѓе на нашиот сајт кои бараат да помогнат во изработката на протезите“, вели д-р Шул, научник од Институтот за технологија „Рочестер“. „Што може да е поблагородно од тоа да го употребите вашиот 3Д принтер за да изработите дланка за некого?!“.

Алатката „Handomatic“ на сајтот „E-nable“, служи за дизајнирање на протеза по мерка за детето. Родителот ги внесува мерките, а алатката, според тие мерки прави дизајн кој може да се данлодира во принтерот.

За да се испечати една дланка потребни се околу 20 часа, а за да се состави околу 2- 3 часа. Упатството за составување достапно е на „YouTube“.

„Составувањето не е многу потешко од составувањето на Лего комплетите“- вели Иван Овен, еден од изумителите на оваа техника. „Ги објавивме дизајните јавно, за да не може никој да ги патентира и секој да може да ги употреби како сака. Многу луѓе допринесоа да се усоврши првичниот дизајн“- вели тој. Иван Овен сега ја раководи 3Д лабораторијата за печатење на Универзитетот Вашингтон во Сиетл.

Некои водечки експерти од областа на 3Д дизајнот веќе почнаа да соработуваат со „E-nable“ за усовршување на дизајнот на протезите за деца. Протезите се лесни – тежат помалку од половина килограм – но прстите можат да се движат заедно, не поединечно. Овие протези не може да се користат кај деца со ампутации до надлактицата.

Овие изработки веќе го привлекоа вниманието на здравствените работници. Во септември, болницата Џон Хопкинс во Мериленд и „E-nable“ беа домаќини на првата конференција посветена на 3Д печатењето, каде беа вклучени медицинската заедница, волонтерите, корисниците и производителите. Болницата веќе има купено 3Д принтер и започна со печатење на бесплатни протетски помагала за децата.

 

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

Поддржете ја нашата работа: