Една од работите поради кои ја сакаме технологијата е што може да се искористи да им се помогне на животните што изгубиле екстремитет да можат повторно да се движат. Таков е случајот и со една женка – Азиски слон на која и била потребна вештачка нога.
Слоницата со име Моша ја изгубила предната десна нога од експлозија на нагазна мина. Моша, која во тоа време била стара две и пол години, била забележана од Тердшаи Јивакате, хирург кој дизајнира вештачки екстремитети за луѓе и животни во рамките на Фондацијата „Пријатели на Азискиот слон“ во Тајланд.
„Кога ја видов Моша, забележав дека таа постојано мора да ја држи сурлата подигната за да може да оди. Во тоа време таа тежеше околу 600 килограми, а две третини од тежината ја префрлуваше на нејзината левата нога што предизвикуваше да почне да се искривува“- вели Јивакате за „Motherboard“.
Тој решил да го прифати предизвикот и да направи вештачка нога за Моша. И покрај проблемите со формата и биомеханиката, докторот успеал да направи вештачка нога од термопластика, челик и еластомер, тешка 15 килограми.
Во последните шест години за Моша биле изработени шест протези, за да можат да одговараат на нејзината тежина и величина. Моша сега тежи 2.000 килограми, па затоа и протезата треба да биде потешка и поцврста. Докторот е сѐ уште во потрага по совршена протеза од материјали кои се поцврсти и отпорни на вода.