Последните неколку месеци IT светот е преокупиран со криптовалутите и се што е поврзано со овој поим. Речиси е неверојатно како криптовалутите долго време беа само дел од приказната, за во еден момент на нараснат и да ги полнат страниците на скоро сите медиуми.
Биткоин, копање, криптовалути и останатите сродни поими постојано се тема на разговор во јавноста и притоа тивко не одвлекуваат од многу други поважни работи кои се случуваат на IT сцената. Но, дека криптовалутите предизвикаа огромен хаос и многу промени на пазарот е факт кој на сите им е јасен. За процветот на криптовалутите сега сфаќаат и многу други компании кои долго време беа во сенка.
Со голем бенефит последниве недели се соочуваат компаниите кои се занимаваат со производство на чипови, односно силни компјутерски компоненти. Имено, “рударството” кое го врзуваме со криптовалути бара моќни компјутери, односно одлични процесори. Поради тоа брзо нарасна побарувачката на графички карти, кои се едни од основните предуслови за успешно ископување на криптовалутите.
Многу големи компании се одлучија финансиски да инвестираат, особено после силниот раст на криптовалутите кон крајот на минатата година, кога достигнаа извонредна граница за која ретко кој предвидуваше во тој краток период. Засега пазарот на криптовалутите е стабилизиран, но многу предвидуваат дека ова е само почеток на настаните поврзани со следниот раст кој ќе се случува во иднина.
Да се вратиме на графичките карти. Пазарот за овие картички за кратко време се соочи со огромна побарувачка, а производството едноставно не може да ја задоволи истата во толку краток временски период. Она што се случи на пазарот е зголемена цена на графичките карти.
Доколку во моментов имате намера да купите графичка карта и да составите свој компјутер, можеби би требало да причекате неколку месеци. Се очекува дека производството на графички карти нагло ќе нарасне со цел да се стабилизира пазарот и да се задоволи побарувачката. Сепак, криптовалутите ќе бидат во пораст уште неколку години, па се поставува вистинското прашање како да се доведе пазарот на графичките карти во ред.
Дел од луѓето мислат дека големиот раст на цените на “гејмерските” компјутери, каде графичките карти ја играат главната улога, ќе ги натера корисниците да купуваат конзоли за играње, што може да значи раст на продажбата за “Сони”, “Нинтендо” и “Мајкрософт”. Но, сето тоа е само шпекулација, а што точно ќе се случува на пазарот, во овој момент е тешко да се предвиди.