Разбудете се со мирис на кафе и кроасан

Ќе признаете дека никој не го сака звукот на будилникот наутро, но што велите за утринско будење со мирис на свежо кафе и кроасан?

„Sensorwake“ го прави токму тоа. Овој „ароматичен“ будилник, наместо со звук, ќе ве разбуди со мирис по ваш избор. Тој е дело на 19-годишниот Гијом Роланд, студент од Франција.   

Уредот функционира нешто слично како тостер и користи мирисни капсули за повеќекратна употреба кои се вметнуваат во отвор на горниот раб на будилникот. Секоја капсула овозможува 30 будења, што значи дека „мирисното будење“ ќе ви трае цел месец пред да треба да го замените.

maxresdefault

Во почетокот ќе биде достапен во шест ароми кои ќе можат да се набават преку веб страната на „Sensorwake“, пред да биде пуштен во малопродажба.

Мирисите доаѓаат во различни комбинации. Пакувањето „Континентален појадок“ доаѓа со една капсула со мирис на еспресо и една со мирис на топол кроасан. Пакувањето „Уживање во одморот“ доаѓа со мирис на крајбрежје и мирис на покосена трева. Тука е и пакувањето „Ревитализирачка арома терапија“ која нуди мирис на чоколадо и освежувачки мирис на пеперминт.

Сепак, прашање е дали мирисот е ефикасен во будењето како што е обичниот будилник. Роланд тврди дека „Sensorwake“ е подеднакво ефикасен како и звучните аларми бидејќи тестирањата покажале дека со „мирисниот“ аларм во рок од две минути се разбудиле 99 проценти од тестираните лица.

Иако Роланд тврди дека будилникот е ефикасен, претходни вакви истражувања не биле толку позитивни. Едно истражување од 1997 година направено од пожарникарски и спасувачки екипи од Ирондејл во Алабама, САД  спроведено со цел да се утврди дали возрасни лица ќе се разбудат во присуство на мирис на чад, вода или цитрусни мириси, покажало дека од 10 лица се разбудиле само двајца, кога биле изложени на овие мириси.

Едно друго истражување спроведено од Универзитетот Браун во 2004 година, исто така покажало дека мирисите не се особено ефикасни како средство за будење. Истражувањето е направено со мирис на пеперминт и пиридин на лица што биле во различна состојба на сон.

sensor1-e1434652256157

За оние што нема да се разбудат преку основната функција, „Sensorwake“ има на располагање и  резервна варијанта. За лицата што спијат многу цврсто или имаат затнат нос и не можат да го почувствуваат мирисот, постои и звучен аларм кој се активира доколку мирисот не ве разбуди во рок од три минути.

Останува уште да видиме какви ќе бидат критиките кога производот ќе биде пуштен во продажба.

Уредот е претставен на „Consumer Electronics Show“ во Лас Вегас.

Поддржете ја нашата работа: