Младо африканско момче од Демократска Република Конго, со тешки оштетувања на лицето здобиени од напад од шимпанзо, било подложено на првиот дел од сложена и ретка реконструктивна хируршка интервенција – известува „Sky News“. Операцијата ќе му овозможи на момчето не само да се храни и да зборува, туку ќе му пружи и шанса за нормален живот.
Осумгодишниот Дениа Симомана бил единствениот преживен при еден брутален напад од група шимпанза што се случил пред две години во неговата татковина. При нападот настрадале неговиот брат и братучед, а тој се здобил со тешки повреди, но успеал да преживее. Му биле откинати усните, образите и претрпел тешки оштетувања на мускулите на устата, оневозможувајќи го нормално да се храни и да зборува.
Во ноември, Дениа, благодарение на фондацијата „Smile Rescue Fund for Kids“ бил однесен во Њујорк, за да може во Детската болница Стони Брук на Лонг Ајленд да му бидат извршени неопходните интервенции. За реконструкција на усните и образите, хирузите ќе користат мускули и ткива од подлактицата на Дениа. Комплетните трошоци за операцијата ќе ги покрие болницата, додека докторите ќе работат без надомест. Досега има само три документирани обиди за ваква комплицирана процедура, но искусните доктори се оптимисти за иднината на малиот Дениа.
Во понеделникот, Дениа бил подложен на првата, осумчасовна операција од планираните три.
За време на својот престој во Њујорк, Дениа е сместен кај семејство на Лонг Ајленд. Тој посетува училиште каде учи англиски јазик , бидејќи неговиот јазик е свахили и се запознава со американската култура.