Решена мистеријата на Бермудскиот триаголник

Деновиве се прошири веста дека научниците конечно ја решиле мистеријата на Бермудскиот триаголник, со откривањето на чудни облаци со шестоаголна форма кои ја покриваат областа.

Според новиот документарен филм на оваа тема на каналот „Science“, овие шестоаголни облаци создаваат ветрови кои дуваат со брзина од 106 км/час, кои делуваат како „воздушни бомби“, кои ги потопуваат бродовите и ги соборуваат авионите.

Но, тука постои еден проблем – Бермудскиот триаголник всушност воопшто не постои, па затоа и нема „мистерија“ за решавање. Фактички не постојат необјасниви случаи на потонати бродови и соборени авиони и покрај вообиченото верување.

Поимот Бермудски триаголник се однесува на регион во океанот кој се граничи со Флорида, Порторико и Бермудите и за прв пат се спомнува во 1950-тите од страна на новинарот Едвард Ван Винкл Џонс, кој напишал сторија за „the Associated Press“ за голем број на  бродови и авиони кои исчезнуваат во тој регион.

Идејата зема голем замав во 1970-тите, кога Чарлс Берлиз ја објавува книгата „Бермудскиот триаголник“ која брзо станува бестселер, со што почнуваат шпекулациите за НЛО или за неверојатни бранови во регионот.

Но, проблемот бил што фактички никој не можел да ги провери тврдењата дека таму исчезнуваат бродови и авиони. А кога новинарот Лари Каше го направил тоа неколку години подоцна, открил дека како прво воопшто не постои мистерија што треба да се реши.

„Мистериозните исчезнувања“ всушност биле или пријавени по грешка или целосни измислици.

Како што објаснува „Live Science“, за некои од бродовите и авионите за кои се тврди дека исчезнале во овој триаголник, воопшто нема записи и тие постојат само во имагинацијата на писателот. Во други случаи, бродовите и авионите навистина постоеле, но Берлиз и останатите го изоставиле фактот дека тие „мистериозно исчезнале“ за време на тешко невреме. Во други случаи, потонувањето на бродовите се случило многу подалеку од Бермудскиот триаголник.

enauka.mkПостојат случаи на бродови кои навистина исчезнале во тој регион, но со оглед на големата фрекфенција на танкери, крузери, чартер летови и помали  јахти, како и насоката  на ураганите и озлогласената Голфска струја, ова и не е многу изненадувачки.

Во 1975 година, Каше објавил книга на оваа тема со наслов „Мистеријата на Бермудскиот триаголнк – Решена“, но иако успеал да разубеди неколку поддржувачи, митот за Бермудскиот триаголник останал.

Ова повторно не враќа во денешно време и новото „откритие“ во случајот на Бермудскиот триаголник.


Истражувачите сега ги анализирале снимките од сателитите на НАСА и забележале облаци со шестоаголна форма, со широчина која се движи помеѓу 32 и 88 километри, оддалечени приближно 240 километри од брегот на Флорида над Бахамите.

Стив Милер, сателитски метеоролог од Државниот Универзитет во Колорадо, за каналот „Science“ изјавува дека нивниот изглед со остри рабови е прилично необичен.

723457_1

Истражувачите исто така испитувале облаци со слична форма над Северното Море во близина на брегот на Велика Британија и откриле дека тие се поврзани со ветровите на морското ниво со брзина до 160 км/ час, кои се доволно моќни да создадат бранови со висина над 14 метри.

„Овој тип на шестоаголни форми над океаните во суштина претставуваат воздушни бомби. Тие се формираат од т.н. микро-млазеви и претставуваат експлозии од воздух кои се спуштаат од дното на облакот и го удираат океанот, создавајќи бранови кои понекогаш достигаат огромни размери и меѓусебно комуницираат“ – вели Ренди Карвени од Универзитетот во Аризона за каналот „Science“.

Овие наоди сѐ уште не се објавени во рецензирано списание, па мора да се земат со мала резерва.

Сепак, сосема е можно овие шестоаголни облаци да бидат вообичаена појава над овој регион и да бидат поврзани со силните ветрови.

Но, тоа и натаму не го менува фактот дека не постојат зголемен број на исчезнувања во тој регион, така што вистинската вест тука не е решението на овој долготраен мит, туку потенцијален доказ за нов атмосферски феномен, што самото по себе е многу интересно.

Поддржете ја нашата работа: