Роботите на далечинско управување што во 2011 година беа испратени на местото на реакторите од нуклеарната централа Фукушима, престанаа да функционираат, како последица на оштетувањата предизвикани од исклучително високата радијација.
Роботите, за кои беа потребни години да се направат, беа дизајнирани да можат да поминат низ подводните тунели на сега веќе непостоечките базени за ладење и да ги отстранат стотиците екстремно опасни растопени отпадоци
Во 2011 година еден од најголемите забележани земјотреси предизвика 10-метарско цунами кое уби речиси 19.000 луѓе и ги уништи домовите на 160.000 луѓе, ја погоди и нуклеарната централа Фукушима и предизвика неколку топење на јадрата на реакторите. Ова беше втора најголема нуклеарна катастрофа, после Чернобил.
Пет години подоцна, компанијата „Тепко“ (Tokyo Electric Power Company) во чија сопственост е Фукушима сѐ уште нема начин како да ги очисти опасната радиоактивна вода и остатоците од топењето. Се проценува дека компанијата успеала да обработи само 10 проценти од остатоците од горивните шипки.
Притисокот кон компанијата што побрзо да се најде решение сѐ повеќе расте, после извештаите од минатиот декември дека оштетената централа продолжува да испушта мали количини радијација во Тихиот океан. Радиоактивен материјал е забележан дури и на западниот брег на САД.
Еден од чекорите што ги презема Тепко е да изгради досега најголем „ѕид од мраз“ околу централата, за да спречи контаминација на околните подземни води, но со тоа само ќе се запрат штетите, но нема да се очистат остатоците од теренот.
Најголем проблем претставува радијацијата. Во јануари, Тепко успеа да отстрани 1.535 потрошени горивни шипки од базените за ладење на реакторот 4, што претставувувало релативно лесна работа, бидејќи радијацијата во реакторот била ниска па било возможно до теренот да пристапат луѓе.
Реакторот 3 каде што биле испратени роботите, има многу високо ниво на радијација, што оневозможува пристап на луѓе, а се проценува дека само во овој реактор има 566 остатоци од горивни шипки што треба да се отстранат.
Според изјавите на надлежните во Тепко, електричната инсталација на роботите била уништена заради високата радијација. Од компанијата додаваат дека бидејќи секој робот е специјално изработен за секој објект, потребни се две години да се изработи само еден ваков робот.
Уште не е јасно дали подобри и појаки роботи се решението за да може да се очисти реакторот 3. Можно е всушност и да не постои технологија за изработка на роботи кои би можеле да издржат толку висока радијација, па затоа истражувачите од Тепко ќе мора да најдат друго решение.
Се чини дека проблемот нема наскоро да се реши. Но, ако се појават истекувања, тоа ќе влијае на сите нас, па затоа да се надеваме дека науката ќе најде соодветно решение.
Во меѓувреме погледнете го видеото и восхитувачката работа на роботите пред да бидат уништени.