Роботски хеланки ќе им помагаат на луѓето со инвалидитет да се движат

Тим од научници од Универзитетот во Бристол под водството на професорот Џонатан Розитер, претстави прототип на роботски хеланки, кои би можеле да им помагаат на луѓето со инвалидитет, а освен тоа, хеланките би можеле во иднина да им помагаат и на постарите луѓе со отежнато движење за полесно извршување на секојдневните обврски.

На британски фестивал на наука покажале прототип од вештачки мускул кој со контракции се однесува како вистински, со тоа што роботската нога може да се подигне од седечка и стоечка положба.

Инженерот Јоанис Димитриос Зулијас, кој работи на развој на помагала за луѓе со инвалидитет, напоменува дека тешкотиите при движење влијаат на квалитетот на живот. “Со оглед на тоа дека голем број луѓе имаат проблеми со движењето, ( само во Велика Британија 6,5 милиони лица) уредите кои им помагаат во мобилноста би можеле да им го подобрат квалитетот на живот”, вели Зулијас.

Иако истражувањата на тоа поле траат веќе 50 години, овој вид технологија ретко кој ја применува надвор од лабораторииите. Сепак, иновативниот концепт за роботски хеланки има прилично добри предиспозиции да заживее и во пракса.

За разлика од крутите роботски хеланки во анимираниот филм „Wallace and Gromit: The Wrong Trousers“, новите, таканаречени „вистински хеланки“ (The Right trousers) имаат меки вградени мускули кои помагаат во движењето, притоа потпирајќи се на мускулите на човекот кој ги носи.

Со поврзување на неколку вештачки мускули овие хеланки можат да придвижуваат зглобови, на пример колената, и така да му помогнат на човекот да стане од стол и да се движи. Вградените мускули се меки и еластични, и се побезбедни од традиционалните помагала од овој тип како што се роботските егзоскелети кои се прилично крути и помалку незгодни за користење.

Секако, од прототип до целосно функционален модел патот е долг и може да потрае дури и десет години. Инженерите од бристолскиот универзитет се надеваат дека веќе за 6-7 години луѓето ќе можат овие хеланки да ги испробаат и купат од продавница.

Во меѓувреме, научниците ќе работат на развој на концептот и технологијата, од напојување па до нивното времетраење, а можби и на различни дизајни.

Поддржете ја нашата работа: