Се врати Бронтосаурусот

Сега, една нова сеопфатна студија од палеонтолозите од Португалија и Велика Британија обезбедува доволно докази дека Бронтосаурусот се разликува од Апатосаурусот и како таков, сега може да се класифицира како свој уникатен род.

Историјата на Бронтосаурусот е сложена и е една од најинтересните приказни во науката. Во 1870-тите години биле откриени десетици нови наоѓалишта на фосилни видови, особено на диносауруси. За време на тој период, тим на истражувачи од кои најистакнати биле палеонтолозите Марш и Коуп откриле два огромни делумни скелети од диносауруси со долг врат и ги испратиле во музејот „Yale Peabody“ во Њу Хевн. Марш го именувал првиот скелет Апатосаурус ајакс, по грчкиот херој Ајакс,а две години подоцна, го именувал и вториот – Бронтосаурус екселсус. Но, бидејќи и двата скелета немале череп, Марш го реконструирал оној за Бронтосаурусот, кој бил масивно животно со долг врат, исто како Апатосаурусот, па логично било и черепот да им биде многу сличен. Сепак, подоцна се открило дека оваа реконструкција е погрешна.

По смртта на Марш, научниците од музејот „Field“ во Чикаго пронашле уште еден скелет сличен на првите два, па сметале дека Бронтосаурусот е толку многу сличен со Апатосаурусот што е поточно да се третира како различен вид од истиот род. Така Бронтосаурусот станал Апатосаурус екселсус, и името Броносаурус повеќе не било научно валидно.

Сега, студијата објавена во „PeerJ“ од португалските и британските научници покажа дека Бронтосаурусот е навистина посебен род.

Но, како една студија може да урне истражувања од повеќе од еден век? Научниците истакнуваат дека тоа се должи на новите откритија на диносауруси слични на Апатосаурус и Бронтосаурус во изминативе години, што овозможило повторно да се започне со детално истражување.

Науката е процес, постојано се движи напред кон појасна слика за светот околу нас. Ова е класичен пример за тоа како работи науката. Понекогаш мора да се врати чекор назад, за да продолжи напред. А особено кога хипотезите се засновани на фрагментарни фосили, можно е нови пронајдоци да соборат години истражувања, објаснуваат научниците.

Така, Бронтосаурусот се врати за повторно да предизвикува љубопитност кај луѓето.

Поддржете ја нашата работа: