Истражувачите од Медицинскиот факултет при Универзитеот во Калифорнија Сан Диего велат дека постарите жени кои седат повеќе од 10 часа на ден и имаат слаба физичка активност, имаат клетки кои се биолошки постари за 8 години во споредба со жените кои водат поактивен живет.
Нивното истражување, објавено во „American Journal of Epidemiology“ открива дека постарите жени кои имаат помалку од 40 минути умерена до енергична физичка активност на ден и кои седат повеќе од 10 часа на ден, имаат пократки теломери – краеви на нишките на ДНК кои ги штитат хромозомите од оштетување.
Како што клетката старее, теломерите природно се намалуваат, но одредени здравствени фактори и начинот на живот, како што се дебелината и пушењето цигари, може да го забрзаат тој процес. Пократките теломери се поврзуваат со кардиоваскуларни болести, дијабетес и повеќе видови на рак.
„Нашето истражување покажува дека клетките стареат побрзо доколку се води седентарен начин на живот. Хронолошката возраст не секогаш се совпаѓа со биолошката возраст“, вели Аладин Шадјаб, главниот автор на истражувањето.
Во истражувањето учествувале 1.500 жени на возраст од 64 до 95 години. Резултатите покажале дека жените кои воделе сендентарен начин на живот, но вежбале најмалку 30 минути на ден, немале пократки теломери.
Истражувачите сметаат дека придобивките од вежбањето треба да се разјаснат уште додека сме млади и физичката активност да продолжи да биде дел од нашиот секојдневен живот како што старееме, дури и кога ќе имаме 80 години.
Покрај тоа, истражувачите потенцираат дека ова е првото истражување кое објективно мери како комбинацијата на времето поминато во седење и вежбање влијае на биомаркерот за стареење, а идните истражувања ќе се фокусираат на тоа како вежбањето влијае на должината на теломерите кај помладите популации и кај мажите.