Дијабетесот или шеќерната болест, често се нарекува и „тивок убиец“ бидејќи знаците на болеста понекогаш не можат да се препознаат.
Високото ниво на глукоза во крвта кај дијабетесот делува како отров и честопати оди и со зголемен крвен притисок и зголемено ниво на мастите во крвта.
Глукозата е непходна за клетките во организмот, бидејќи им обезбедува енергија за нивната функција. Може директно да се внесе во организмот, на пример преку јадење на овошје, но поголемиот дел од глукозата се ресорбира во цревата, по разградувањето на посложените јаглени хидрати како што е скробот, кој го има во оризот, компирите и други намирници. Потоа, глукозата преку крвотокот се пренесува до клетките, но за да се искористи потребен е инсулин.
Инсулинот е хормон кој го продуцира панкреасот и тој е клучот кој ги отвора клетките за да може глукозата да навлезе. Кај луѓето кои страдаат од дијабетес тип 1, панкреасот не продуцира инсулин и мора да примаат инсулински инјекции. Кај дијабетес тип 2, може да постои инсулин- барем на почетокот, но не може да се искористи поради тоа што постои резистенција на инсулин.
Бидејќи дијабетесот може да предизвика сериони компликации, многу е важно да се обрне внимание на симптомите и на време да се консултира доктор, за да се направат неопходните тестирања.
Најчести симптоми на дијабетес:
1. Зголемена жед или сува уста
2. Зголемена потреба за мокрење (во поголеми количини од претходно)
3. Постојано чувство на глад
4. Зголемен губиток на тежина (и покрај зголемениот внес на храна)
5. Слабост и замор
6. Чести инфекции (вклучувајќи и габични инфекции во гениталната регија)
7. Заматен вид
Со правилна исхрана, вежбање и со содветни лекови, дијабетичарите можат да водат активен и продуктивен живот.