Северниот бел носорог пред исчезнување

Нола е усмртена со еутаназија, заради нарушеното здравје. На Нола и бил извршен хируршки зафат за дренирање на гноен апсцес на карлицата, но иако операцијата била успешна, во следните неколку дeнови таа престанала да јаде, со што здравјето и се влошило.

Со нејзината смрт во светот остануваат уште само три од овие носорози (Ceratotherium simum cottoni) и сите се наоѓаат во резерватот „Ol Pejeta“ во Кенија.

Од преостанатите три бели носорози две се женки и еден мажјак. Единствениот мажјак, наречен Судан, се наоѓа во Кенија и е под заштита од вооружени чувари 24/7. Отстранет му е и рогот за да не претставува цел на ловокрадците. (енаука – Последниот машки северен бел носорог на светот)

За жал, двете женки не се способни за природна  репродукција. Но, зоолошката градина во Сан Диего неодамна издвои 2 милиони долари во напорите да го спречи исчезнувањето на овој вид. Тука спаѓа и секвентирање на геномот на овој вид за да се откријат индиции во нивниот генетски код што ќе помогнат де се спречи нивното исчезнување. Истражувачите ќе се обидат и со ин витро оплодување да дојдат до потомство, користејќи ги лимитираните количества од спермата на Судан. Со оваа сперма тие ќе се обидат да ги оплодат сочуваните јајни клетки земени од починатите женки, вклучително и од Набире, која почина во јули годинава.

Ако оплодувањето биде успешно, ембрионот ќе се трансплантира во близок сродник – јужниот бел носорог, со надеж дека ќе го носи бебето до раѓање.

Причина за исчезнувањето на северниот бел носорог е долгогодишното губење на природните живеалишта, како и ловокрадството во последните две децении.

Истражувачите се надеваат дека ќе успеат да спречат истото да му се случи на црниот носорог , преку употреба на дронови за надгледување, како и шпионски камери и аларми што ќе помогнат да се заштитат носорозите и нивните рогови.

Да се надеваме дека човештвото нема да ја направи истата грешка двапати.

Поддржете ја нашата работа: