Повеќе нема никаков сомнеж. Влегуваме во процес на масовно истребување кое се заканува и на човештвото. Ова се лошите вести од новото истражување на група научници, предводени од Пол Ерлих. Тој и неговите колеги повикуваат на брза акција за да се зачуваат загрозените видови, популации и живеалишта, но предупредуваат дека таа можност може многу кратко да трае.
Елрих е најпознат по своите ставови за човечката популација, но има направено обемни истражувања за истребувањето, навраќајќи се на неговата книга од 1981 година „Истребување: Причини и последици од исчезнувањето на видовите“. Тој ја поврзува својата работа со коеволуцијата, расната, половата и економската правда, како и со нуклеарната зима со нагласок на губењето на популациите и видовите на дивиот свет.
Постои општа согласност меѓу научниците дека стапката на истребување достигна најголеми нивоа, по истребувањето на диносаурусите пред 66 милиони години. Меѓутоа, некои ја оспоруваат таа теорија, сметајќи дека поранешните проценки се засноваат на претпоставки кои ја прецениле кризата.
Новото истражување, објавено во списанието „Science Advances“ покажува дека дури и со екстремно конзервативни проценки, видовите исчезнуваат околу 100 пати побрзо од нормалната природна стапка на изумирање.
„Доколку продолжи ова, би биле потребни милиони години за животот да закрепне и најверојатно би изумрел и нашиот вид“, вели главниот автор Жерардо Цебало од Универзитетот во Мексико.
Конзервативен пристап
Со помош на фосилни записи и стапки на истребување од голем број на податоци, истражувачите споредиле високо конзервативна проценка на тековното истребување со проценката на нормалната природна стапка на изумирање која била два пати поголема од оние кои се користеле во претходните анализи. На овој начин, ги доближиле овие две проценки (сегашната и просечната стапка на истребување) колку што е можно повеќе.
Фокусирајќи се на ‘рбетниците, група за која постојат најсигурни современи и фосилни податоци, истражувачите се запрашале дали дури и најниските проценки на разликата помеѓу нормалната и конзервативната стапка на истребување го оправдуваат заклучокот дека луѓето го забрзуваат глобалниот напад на биодиверзитетот. Одговорот е дефинитивно да.
„Нагласуваме дека нашите пресметки веројатно ја потценуваат сериозноста на кризата на истребување, бидејќи нашата цел е да поставиме реална долна граница на влијанието на човештвото врз биолошката разновидност“, велат истражувачите.
Со зголемувањето на човечката популација, потрошувачката по жител и економската нееднаквост, се изменија или уништија природните живеалишта. Долгата листа на влијанија вклучува:
- расчистување на земјиштето за земјоделство и населување
- воведување на инвазивни видови
- емисии на јаглерод кои влијаат на климатските промени и киселоста на океаните
- токсини кои ги менуваат и трујат екосистемите
Сега, околу 41% од сите видови на водоземци и 26% од сите цицачи се во опасност од истребување, според Меѓународната унија за заштита на природата, која утврди авторитетна листа на загрозените и изумрените видови.
„Постојат примери на одредени видови низ целиот свет кои буквално се живи мртовци“, вели Ерлих.
Како што исчезнуваат видовите, така исчезнуваат и придобивките од екосистемите, како на пример опрашувањето со помош на пчелите или прочистувањето на водата. Со сегашната стапка на изумирање, луѓето ќе изгубат многу од придобивнките на биолошката разновидност во текот на наредните три генерации, велат авторите на истражувањето.
И покрај мрачниот изглед, според Ерлих и неговите колеги, се’ уште постои надеж. „За да се избегне шестото масовно истребување ќе бидат потребни брзи и интензивни напори за да се зачуваат веќе загрозените видови и да се намали притисокот на нивната популација, особено загубата на живеалиштата, прекумерното експлоатирање за економски цели и климатските промени“.
Во меѓувреме, истражувачите се надеваат дека нивната работа ќе ги извести и информира службите за зачувување и одржување на екосистемите, како и пошироката јавност за овој глобален проблем.