Шест состојби што може да се детектираат преку урината

Дехидратација

Здравата урина е светло жолта по боја, а по повеќекратно мокрење може да биде и потполно светла. Темно жолтата урина, а понекогаш дури и со боја на килибар, може да биде знак на дехидратација. Кога човекот не пие доволно вода, урината станува многу заситена со отпадни материи што и ја дава потемната боја. Дехидратацијата настанува кога телото не добива доволно вода за да функционира нормално. Оваа состојба обично лесно се коригира.

Рак на дојка

Птеридините се метаболити кои се излачуваат преку урината кај секој човек. Кај пациентите болни од рак забележано е поголемо излачување на овие метаболити од нормалното. Користејќи го ова, истражувачите од Универзитетот за наука и технологија во Мисури, развиле нова скрининг метода за дијагностицирање и одредување на тежината на ракот на дојка преку урината. Одредувањето на количината на птеридини во урината може  да помогне ракот да се детектира пред да се направи мамографија. Истражувачите се надеваат дека натамошните тестирања ќе покажат колку е ефективен овој тест и во детектирањето на други типови на рак.

Рак на тестиси

Можеби досега сте сретнале податок  дека ракот на тестиси може да се дијагностицира и преку домашните тестови за бременост. Според „CNN“, во тоа има и по малку вистина. Домашните тестови за бременост функционираат преку детектирање на хормонот „Beta-HCG’, кој се создава во плацентата кај жената кога ќе забремени. Интересно е што овој хормон го излачуваат и некои тумори, меѓу кои (но не сите) и туморот на тестисите –пишува „CNN“. Сепак, домашните тестови за бременост никако не би требало да се користат за само-дијагностицирање на овој многу опасен вид на рак, бидејќи нема доволно докази дека со ваков скрининг може да се открие ракот на тестисите во рана фаза.

Дијабетес

Зголеменото ниво на шеќерот кај дијабетичарите ја отежнува филтрацијата на бубрезите, па вишокот шеќер се излачува преку урината. Како резултат на ова се јавува прекумерна жед и зголемено мокрење што претставуваат класични симптоми на дијабетес. Вишокот на шеќер предизвикува урината да добие „слаткаст“ мирис. И бременоста може да влијае на филтрацијата на бубрезите, така што ваков мирис може да е знак и за бременост. Овие симптоми не треба да се занемарат и секако треба да се консултира лекар за да се утврди точната причина за ваквиот мирис на урината.

Уринарни инфекции

Уринарната инфекција може да го зафати секој дел од уринарниот тракт – бубрезите, мочоводите, мочниот меур, мочниот канал. Симптомите на инфекцијата се честа потреба од мокрење, болка при мокрењето, заматена или дури розово/црвена урина и силен мирис на урината. Овие инфекции се прилично честа појава и се дијагностицираат едноставно преку примерок од урината. Најчесто се третираат со антибиотици и симптомите исчезнуваат веќе по неколку дена.

Згрутчувања на крвта

Научниците во моментов работат на производ што ќе може да детектира крвни згрутчувања преку едноставен тест на урината. Ќе се тестираат биомаркери во урината кои се показатели за проблеми во внатрешноста на телото (според „New Scientist“). Досега  тестирањата се покажале ефикасни кај животни. Иако сѐ уште се работи на производот, истражувачите се надеваат дека еден ден ова ќе претставува начин за брза дијагноза за лицата кои немат пристап до други методи.

Поддржете ја нашата работа: