Што паметат бебињата?

Кога родителите си играат и му зборуваат на своето бебе, веројатно се прашуваат дали на нешто од тоа детето се сеќава наредниот ден. Да, се сеќава, барем на убавите работи.

Неодамнешно истражување спроведено од Универзитетот „Бригам Јанг“, покажало дека бебињата запомнуваат некои работи, доколку тие се кажани со позитивни емоции и внимание. И порано била тестирана меморијата на бебињата, но ова е прв пат во испитувањето да се земе предвид и емоционалниот момент.

Иако пет-месечните бебиња не можат да зборуват, постојат бројни начини како истражувачите да ги анализираат реакциите на бебињата во текот на тестирањето. Во ова тестирање, истражувачите ги набљудувале движењата на очите на бебињата и колку долго тие се задржувале на слики прикажани за време на тестот.

Бебињата биле поставени пред рамен монитор, а потоа на мониторот биле прикажани лица кои им зборуваат и тоа на три начини: со весел, со неутрален и со глас кој покажува лутина. Непосредно после тоа им биле прикажани слики со некој геометриски облик.

За да ја тестираат нивната меморија, истражувачите го повториле тестот после 5 минути и потоа после еден ден. Така истражувачите биле во состојба да забележат колку пати  бебињата погледнале од една во друга слика и колку време гледале во секоја од нив. Се покажало дека бебињата многу подобро паметат форми, ако се поврзани со пријатен глас.

„Сметаме дека позитивниот пристап со многу емоции и внимание ја зголемува способноста на бебето да разбере и веројатно да ги запомни геометриските форми“, истакнуваат истражувачите.

Истражувањето е објавено во списанието „Infant Behavior and Development“.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt