Овој напредок претставува, како што еден од научниците го нарекува, „генетски огнен ѕид“, односно нуди начин што ќе осигура дека ГМО не може да живее надвор од лабораторија или друга затворена просторија.
Истражувањето што е направено од научниците од Универзитетот Харвард и Универзитетот Јеил е објавено во списанието „Nature“.
Иако двете лаборатории го постигнаа ова на бактерии – „не постои фундаментална пречка оваа техника да се примени кај растенијата и животните“, велат научниците.
Ако оваа техника успее, таа би можела да се искористи за создавање на микроорганизми кои ќе се користат за правење од обични до егзотични работи – како на пр. производство на јогурт и сирење, синтетизирање на индустриски хемикалии и био-горива, чистење на токсичниот отпад, како и за создавање на лекови.
Микробите веќе се користат за вакви намени. Во некои случаи тие содржат гени од организми со кои не се поврзани, што ги прави „генетски модифицирани“ за да можат на пр. да ги очистат истекувањата на нафтата или да произведуваат инсулин. Но, широката употреба на ваквите ГМО е ограничена поради стравот дека тие можат да избегаат од контрола и да предизвикаат штета.
Во 2013 година, научниците објавија дека ја надминале генетската модификација и создале „геномски рекодирани“ организми. Рекодирани значи дека мал дел од нивните ДНК кодови за една амино киселинa (градежните блокови од протеини) е различен од оној ДНК код што е идентичен за сите останати живи суштества.
Научниците создале вид на бактеријата „E.coli“ која ја содржи и вештачката амино киселина, а потребна ѝ е и синтетичка амино киселина за да преживее.
Бидејќи амино киселините не постојат во природата, „огнениот ѕид“ што го создадоа научниците значи дека секој ГМ организам што ќе побегне од лабораториите, производните простории или од земјоделските полиња – ќе умре.
Научниците направиле 49 генетски измени на „E.coli“, за да ја направат зависна од синтетичката амино киселина. Шансите микробата да ги „преобрати“ овие измени, се исклучително мали, пресметале научниците.
„Со спојување на геномското рекодирање и „огнениот ѕид“, биолозите би можеле да создаваат микроби кои не можат да „избегаат“, коишто со инкорпорирање на нови амино киселини можат да продуцираат потполно нови типови на лекови и полимери“, велат научниците.