Што се случува? На лавици во Африка им расте грива и се однесуваат како мажјаци

На пет лавици од резерватот Мореми во Боцвана им пораснала густа грива и тие сега почнале дури и да се однесуваат како лавови.

Според неодамнешните опсервации, барем една од овие женки често рика како лав и се обидува да се пари со други женки. Таа дури и убила две младенчиња, што е карактеристично само за машките лавови.

Тим од биолози ги следи овие лавици „машкоданки“ од 2014 година, а сега го објави првиот научен труд за развојот на гривата и машкото однесување на овие лавици.

Од петте лавици биолозите избрале една на која се фокусирале и ја именувале „SaF05“.

Забележале дека три од овие лавици им се додворуват на машки лавови, додека „SaF05“ своите чувства ги насочувала и кон машки и кон женски лавови.

Кога научниците, предводени од биологот Џефри Д. Гилфилан од Универзитетот Сасекс во Велика Британија ги разгледале податоците за „SaF05“ од последните осум години, откриле дека таа покажувала вакво сексуално однесување кон три женки, во седум одделни прилики. Според извештајот, ниедна од овие женки не иницирала вакво однесување кон неа и сите обиди за хомосексуално парење биле или игнорирани или дочекани со агресија.

 

Во оваа фаза никој со сигурност не може да каже зошто лавиците развиле машки физички карактеристики и почнале да се однесуваат како машки. Главната хипотеза засега е дека кај овие лавици се создава зголемено ниво на тестостерон.

female-lion

Како што објаснува „New Scientist“, кај  машките лавови, тестостеронот директно влијае на развојот на неговата грива. Кастририраните лавови ја губат способноста да продуцираат тестостерон, а како последица на тоа често ја губат и својата грива.

Пред неколку години на лавицата со име Ема од Нациналниот зоолошки парк во Јужна Африка почнала да и расте грива. Тестовите покажале дека продуцира високо ниво на тестостерон, како последица на проблеми со јајниците. По отстранувањето на јајниците, кај лавицата се повратиле женските карактеристики.

Нејасно е зошто некои лавици продуцираат зголемено ниво на тестостерон, за разлика од другите, но можно е на некој начин нивниот развој да бил пореметен, или во текот на зачнувањето, или за време на нивното формирање во матката.

Оваа хипотеза е поддржана и од фактот дека засега сите докази укажуваат дека овие пет лавици се неплодни. Според извештајот, податоците од последните осум години покажуваат дека „SaF05“ никогаш не забременила и не родила.

Иако ова не е добро за опстанокот за стадото во кое живеат овие лавици, научниците се убедени дека тие носат исклучително ретка генетска мутација, а самиот факт дека се неплодни значи дека нема никакви шанси таа состојба  да се пренесе преку овие лавици.

Секако има и предности да се биде храбар лав – бидејќи тие не се однесуваат како типични лавици. Наместо тоа, тие го користат најдоброто од двата света за да им покажат на соседите кој е главен – на лавовски начин. Кога соседното стадо украло зебра од „SaF05“, таа за возврат убила две нивни младенчиња, вели Гилфилан за „New Scientist“

Извештајот е објавен во „African Journal of Ecology“.

Поддржете ја нашата работа: