Што се случува со телото кога сте дехидрирани?

Телото содржи од 50 до 70 проценти вода која е неопходна за функционирање на организмот. Намалувањето на нормалното ниво на вода во телото, како последица на дехидратација, болест, вежбање или прекумерна топлина, предизвикува да се чувствуваме многу лошо. На почетокот чувствуваме жед и умор, а може и блага главоболка. Ова понатаму може да доведе до раздразливост и до пад на физичките и менталните способности.

Нашето тело постојано губи вода преку кожата, дишењето, преку урината и фецесот. Повеќето луѓе извонредно го регулираат нивото на вода во телото преку јадењето и пијалоците, водени од чувството за глад и жед. Но, ова е многу потешко кај малите деца, старите лица, болните, спортистите и лицата кои извршуваат тешка физичка работа, особено во услови на голема топлина.

Што се случува при дехидратација?

Во моментот кога ќе почувствуваме жед, нашето тело е веќе дехидрирано, бидејќи нашиот механизам за жед заостанува зад вистинското ниво на хидратација на телото.

Истражувањата покажуваат дека дури и само еден процент дехидратација влијае на расположението, вниманието, меморијата и моторната координација. Иако нема доволно податоци за луѓето, а и тие се контрадикторни кога се работи за функцијата на мозочното ткиво, се чини дека со дехидратацијата се намалува и течноста во мозочното ткиво, а со тоа се редуцира волуменот на мозочното ткиво и има привремено влијание на функцијата на клетките.

Кога телото губи вода без да ја надоместува, крвта станува поконцентрирана, што ги поттикнува бубрезите да ја задржуваат водата, што резултира со ретко мокрење.

Колку што е крвта поконцентрирана, толку на кардиоваскуларниот систем му е потешко да го компензира тоа преку убрзана работа на срцето за да го одржува крвниот притисок.

Кога сте дехидрирани, телото се напрега- како кога вежбате или се соочувате со голема жештина, со што се зголемува ризикот од исцрпеност и колапс. Ова може да предизвика несвестица, на пример кога нагло ќе станете.

Намаленото количество на вода го попречува телото да ја регулира телесната температура, што може да предизвика хипертермија (зголемување на телесната температура над нормала).

На клеточно ниво се случува „собирање“ на клетките, бидејќи водата се позајмува за да се одржуваат другите потреби, коко крвотокот. Мозокот го чувствува тоа и поттикнува зголемено чувство на жед.

Колку течност треба да се пие?

Нормалните потреби за вода се разликуваат, како резултат на бројни фактори, како што се градбата на телото, метаболизмот, исхраната, климатските услови.

Интересно е дека првите официјални препораки за потребниот внес на вода се направени дури во 2004 година. Според Институтот за медицина, соодветен внес на вода за возрасен маж и жена изнесува 3,7, односно 2,7 литри вода дневно.

Околу 80 проценти од потребното дневно количество на вода би требало да се добие преку пијалоците (вода, кофеинските пијалоци и сл.), а останатите 20 проценти преку храната.

Но, ова се разбира се само груби препораки, а еве како може да ја следите сопствената хидратација:

  1. Следете ја телесната тежина и останете во рамките на вашата нормална тежина. Нормалната тежина ќе ја одредите како просек од тежината од три последователни мерења наутро пред појадок.
  2. Внимавајте на  урината. Би требало нормално да мокрите (повеќе од три-четири пати дневно), а урината би требало да биде светло жолта и без јак мирис. Ако мокрите поретко, ако урината е потемна и има силен мирис, тогаш треба да пиете повеќе течности.
  3. Секогаш имајте на ум дека треба да пиете доволно течности.

Текстот е преземен од „The Conversation“.

 

Поддржете ја нашата работа: