Сите ние имаме слепа точка, но може да се намали

Најверојатно никогаш не сте забележале, но човековото око има слепа точка. Таа постои бидејќи оптичкиот нерв кој испраќа визуелни сигнали до мозокот мора да помине низ ретината, што создава дупка во тој слој на ткиво кое е чувствително на светлина. Кога сликите се проектираат до точно таа локација, ние ги пропуштаме, односно не ги гледаме.

Сега, истражувачите велат дека таа слепа точка може ефикасно да се намали со тренинг, и покрај фактот што дупката во нашето визуелно поле не може да се намали.

Овие наоди претставуваат можност за развој на слични методи кои може да го подобрат видот кај луѓето со макуларна дегенерација, што е водечка причина за слепило во западните земји.

„Не може да се развие фотосензитивност во самата слепа точка, но може да се зголеми чувствителноста во периферијата на слепата точка, што е доволно за намалување на функционалното слепило за 10%“, вели Пол Милер од Универзитетот во Квинсленд, Австралија.

Истражувачите тренирале 10 лица во период од 20 дена, при што тие требало да ја одредат насоката и бојата на синусен бран, поставен во прстен центриран на физиолошката слепа точка на едното око. На крајот, поединците покажале подобрување на способноста правилно да ја одредат бојата и должината на бранот, односно окото очигледно станало почувствително на слаби сигнали кои потекнуваат главно од регионот на слепило. Но, подобрувањето било забележано само кај окото со кое работеле, односно тренирале.

Ако ваквиот протокол може да го намали слепилото поврзано со физиолошката слепа точка, тогаш би можел да биде ефикасн и во други случаи на слепило и да се користи како помош при обновувањето на видот, заедно со други технологии во развој, како што е бионичкото око или ретиналната терапија со матични клетки.

Милер вели дека научниците планираат да продолжат со истражувањата прво кај луѓето со нормален вид, а потоа и да ги тестираат луѓето со макуларна дегенерација.

Истражувањето е објавено во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: