Акутната миелоцитна леукемија (АМЛ) претставува еден од најагресивните типови на рак. Се јавува без некои посебни знаци на предупредување, а само 24 проценти од заболените преживуваат пет години. Сепак, на повидок можеби е нов напреден начин на лекување, откако истражувачите од Институтот Валтер и Елиза Хил во Мелбурн, Австралија, откриле протеин кој е клучен за ширењето на болеста.
Протеинот се нарекува „Hhex“ протеин . Истражувачите откриле дека кога ќе се спречи продукцијата на овој протеин, запира и неконтролираното ширење на болеста, барем во лабораториски услови.
И покрај тоа што организмот има одбранбрен механизам со кој може да го спречи размножувањето на клетките што евентуално можат да станат канцерозни, протеинот „Hhex“ го оневозможува тој механизам, со што оштетените клетки продолжуваат да се шират. Ако истражувачите успеат да го отстранат протеинот „Hhex“, ќе може да се обнови природниот одбранбен механизам во телото, а со тоа и да се спречи ширењето на ракот.
Многу е значајно што овој претеин не е потребен за здравите клетки. Ова отвара можност за нов третман каде што ќе се делува специфично на овој протеин, со што ќе се избегнат многу штетни несакани ефекти што се јавуваат како резултат на постоечките третмани за АМЛ.
Следниот чекор е да се утврди дали овој механизам делува и кај луѓе, но првичните знаци се охрабрувачки.
Истражувањето е објавено во списанието „Genes & Development“.