Што ќе одберете: 1 шише сок или 8 километри пешачење?

Дали знаете дека ако испиете едно шише газиран или овошен сок ќе треба да пешачите околу 8 км. за да ги истрошите калориите? Ако на автоматите и фрижидерите во супермаркетите стои тој знак, дали сепак би го купиле сокот?

Според едно истражување од училиштето „Блумберг“ на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, САД, тинејџерите помалку би купувале засладени пијалоци доколку би виделе ваков знак. Резултатите, објавени на интернет во „American Journal of Public Health“ покажале дека тинејџерите одбирале поздрава опција, пијалоци со помалку калории или помало количество од пијалокот по гледањето на таквиот знак.

Влијанието било трајно. Дури и по отстранувањето на знаците, тинејџерите продолжиле да купуваат поздрави пијалоци, во текот на наредните 6 недели додека биле набљудувани.

„Ова е многу ефикасен и евтин начин за децата, кои се доволно возрасни за сами да си купуваат пијалок, помалку да пијат засладени пијалоци“, вели главниот истражувач Сара Н. Блајх.

Знаците биле поставени во 6 продавници во неколку населби во Балтимор каде што преовладувало афро-американско население со ниски примања.

Напишан на хартија во боја, секој знак стоел по две недели во секоја продавница во периодот помеѓу август 2012 и јуни 2013. Имало вкупно 4 знаци:

  1. Дали знаете дека едно шишенце газиран или овошен сок има околу 250 калории?
  2. Дали знаете дека едно шишенце газиран или овошен сок има околу 16 кафени лажички шеќер?
  3. Дали знаете дека ако испиете едно шише газиран или овошен сок ќе треба да трчате околу 50 минути за да ги истрошите калориите?
  4. Дали знаете дека ако испиете едно шише газиран или овошен сок ќе треба да пешачите околу 8км. за да ги истрошите калориите?

Истражувањето забележало 3.098 потрошувачи, конкретно тинејџери на возраст од 12 до 18 години од афро-американско потекло. Тие прашале една четвртина од тинејџерите кои ја напуштале продавницата дали ги виделе и дали ги разбрале знаците. Само 35% кажале дека ги виделе. Од нив, 59% кажале дека им веруваат и 40% го смениле изборот на пијалок како резултат на тоа.

Засладените пијалоци сочинувале 97% од потрошувачката на пијалоци во продавниците пред да се постават знаците, а 89% откако ги тргнале. Без разлика кој знак го виделе, бројот на оние кои не купиле никаков пијалок се покачил од 27% на 33% и продажбата на вода се зголемила од 1% на 4%.

Најефикасен бил знакот кој ги предупредувал дека ќе мора да пешачат околу 8км. за да ги истрошат калориите.

Резултатите од ова истражување сугерираат дека овој начин на споредување на калориите со вежбањето, може да ги мотивира луѓето да ја подобрат нивната исхрана многу повеќе отколку само да го напишат бројот на калории на амбалажата.

„Луѓето не разбираат што значи тоа ако им кажете дека газираниот сок има 250 калории“, вели Блајх. „Нашето истражување покажа дека ако им ги објасните калориите на поразбирлив начин, како на пр. колку км. ќе треба да пешачат за да ги истрошат, ќе ги мотивирате да го променат своето однесување“

енаука.мк ( реобјавена статија )

Поддржете ја нашата работа: