Неверојатната способност за преживување на сребрените мравки од Сахара

Научниците открија две стратегии кои им овозможуваат на сребрените мравки од Сахара да ја контролираат температурата на своето тело во едно од најжешките места на светот.

Сребрените мравки од Сахара (Cataglyphis bombycina) се движат низ пустината Сахара барајќи храна – тела на инсекти и други членконоги кои подлегнале на тешките пустински услови. Најактивни се во текот на денот, кога температурите достигнуваат до 70°C и притоа мора да ја одржуваат температурата на телото под критичниот максимум од 53,6 °C. Научниците долго време се прашувале како овие мали инсекти преживуваат во такви екстремни услови.

Нанганг Ју, асистент по применета физика на Универзитетот Колумбија, заедно со колегите од Универзитетот во Цирих и Универзитетот во Вашингтон, се првите кои покажуваат дека мравките користат слој од влакна со уникатна форма, за да ги контролираат електромагнетните бранови, како и различни физички механизми за да ја остварат биолошката функција на намалување на телесната температура.

Со помош на електронска микроскопија, научниците откриле дека мравките, на врвот и на страните од своето тело, се прекриени со слој на уникатно оформени влакна со триаголни засеци кои ги разладуваат на два начина. Овие влакна се рефлективни и под видлива светлина и под речиси инфрацрвена светлина, односно во регионот на максималната соларна радијација (додека трчаат по песокот личат како мали капки жива). Влакната, исто така, и емитираат светлина, во средниот инфрацрвен дел од електромагнетниот спектар, каде што служат како слој за антирефлексија, односно имаат способност да го ослободат вишокот на топлина преку топлинско зрачење.

Овој пасивен систем за ладење функционира секогаш кога инсектите се изложени на сонце и според проценката на научниците им ја намалува температурата за 5 до 10°C.


„Ова е жив пример за тоа како еволуцијата предизвикала адаптација на физичките својства за да обезбеди опстанок, односно во овој случај да ги заштити мравките од високите температури“, вели Ју. „Ова истражување покажува дека светлината која не е видлива за човечкото око игра важна улога за живите организми“.

„Ваквите биолошки инспирирани површини за ладење може да имаат корисна примена во површините за разладување за возилата, зградите, инструментите, па дури и облеката“, објаснува Ју.

Научниците планираат да го прошират истражувањето и на други животни и организми кои живеат во екстремни средини, со цел да ги научат нивните стратегии за справување со тешките услови на животната средина. што може да претставува инспирација за создавање на нови технологии.

Истражувањето е објавено во „Science“.

Поддржете ја нашата работа: