Стивен Хокинг објави ново решение за парадоксот на црните дупки

Минатата година, британскиот теоретски физичар Стивен Хокинг го најави истражувањето на кое работеле тој и неговите колеги и кое може да го реши проблемот за фамозниот парадокс на исчезнување на информациите во црна дупка.

Сега, тоа истражување конечно е објавено на интернет, и како што најави Хокинг, решението на овој парадокс може да се „влакната“ на црната дупка кои се формираат на хоризонтот, односно границата на црната дупка, притоа правејќи еден вид на дво-димензионален холографски печат на се’ она што ќе влезе внатре. Тој вели дека постоењето на овие влакна може да се докаже, а тоа може да му донесе Нобелова награда.

Најпрво, да го разјасниме парадоксот на информациите во црната дупка. Според општата теорија за релативитет на Ајнштајн и според она што го знаеме за начинот на кој гравитацијата е во интеракција со Универзумот и се’ што е во него, сите информации кои ќе ја преминат границата (или хоризонтот) на црната дупка се загубени засекогаш. Дури ни светлината не може да избега, поради што и го добиле своето име. Тоа претставува проблем бидејќи според квантната механика, информациите не можат да бидат изгубени. Оттука потекнува парадоксот.

black-hole-info

Во новото истражување, Хокинг и неговите колеги – физичарот Малком Џ. Пери од Универзитетот во Кембриџ и физичарот Ендрју Стромингер од Харвард, велат дека информациите можат да се зачуваат на границата (или хоризонтот) на црната дупка и дека можат да избегаат од истата, и евентуално да излезат во некој друг универзум. Тие не се 100% сигурни дека ова е решението на овој парадокс, но се надеваат дека нивните колеги ќе го разгледаат истражувањето и ќе им помогнат.

За повеќе детали погледнете го целото истражување на следниов линк, како и интервјуто со Ендрју Стромингер.

Поддржете ја нашата работа: