Стресот и депресијата може да ги уништат вашите празници. Тоа не е ништо чудно, кога ќе помислиме на сите обврски кои не очекуваат. Еве неколку практични совети кои ќе ви помогнат да го намалите стресот, па можеби дури и да уживате во претстојните празници малку повеќе отколку што очекувате.
Прифатете ги вашите чувства. Ако некој ваш близок неодамна починал или пак, ако не можете да бидете со вашите блиски за време на празниците, во ред е да се чувствувате тажни. Во ред е да ги изразите вашите чувства. Не се принудувајте да бидете среќни, само затоа што е сезона на празници.
Излезете. Ако се чувствувате осамено или изолирано излезете и пронајдете некои религиозни или друштвени настани што можат да ви пружат поддршка.
Бидете реални. Празниците не мора да се совршени или исти како претходната година. Задржете некои семејни традиции, но бидете отворени и кон создавањето на нови. На пр. ако вашите деца се возрасни и не можат да дојдат кај вас, најдете друг начин за да ги поминете празниците заедно, споделете слики, видеа, пораки или слично.
Тргнете ги настрана разликите. Пробајте да ги прифатите членовите на семејството или пријателите онакви какви што се и имајте разбирање кон нив. Најверојатно и тие ги чувствуваат ефектите на стрес и депресија пред празниците.
Придржувајте се до вашиот буџет. Размислете колку пари можете да си дозволите да потрошите на подароци. Сепак, среќата не се купува. Пробајте дома рачно самите да направите подарок.
Планирајте однапред. Организирајте си ги деновите за купување, готвење,чистење, посетување пријатели и сл. Направете си список. На тој начин ќе го избегнете брзањето во последна минута и нема да заборавите ништо.
Научете да кажете не. Доколку не знаете да им кажете не на пријателите и колегите, на крајот вие ќе се чувствувате огорчено и ќе бидете преоптоварени со обврски.
Не заборавајте на здравјето. Празниците нека не влијаат на вашите здрави навики. Хранете се здраво, спијте убаво и вежбајте.
Направете пауза. Одвојте барем 15 минути само за вас. Читајте некоја книга, одете на масажа, слушајте релаксирачка музика или прошетајте без никој да ви додева. Тоа ќе ве освежи и ќе ви даде доволно сила за да се справите со сите обврски што ве очекуваат.
Побарајте професионална помош ако ви е потребна. Доколку и покрај се’ се чувствувате постојано тажни и вознемирени и не можете да спиете, не е срамота да побарате помош. Разговарајте со вашиот доктор или со професионалец во таа област.
Не дозволувајте празниците да се претворат во нешто што ќе го презирате. Со малку претходно планирање и позитивна мисла, уживајте!