Супер клима – ладење без струја

Инженерите од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија осмислија материјал кој ќе помогне да се оладат домовите без да се користат клима уреди, со тоа што ќе ја рефлектира топлината назад во вселената. Изумителите на оваа технологија се надеваат дека овој концепт може да води кон многу поефтин и одржлив начин на ладење на објектите.

Технологијата се состои од повеќеслоен материјал со дебелина од само 1,8 микрони – потенок и од најтенката алуминиумска фолија. Материјалот го сочинуваат седум слоја од силициум диоксид и хафниум оксид поставени врз тенок слој од сребро. Овие слоеви не се со подеднаква дебелина, туку се направени за да сочинуваат нов материјал. Внатрешната структура на материјалот е подесена под точно одредена фреквенција за да спроведува инфрацрвеното зрачење од внатрешноста на објектите во вселената, без да предизвикува затоплување на воздухот во околината.

Невидливата светлина во форма на инфрацрвени зраци е една од начините преку кои објектите и живите суштества се ослободуваат од топлината. На пример, кога стоите пред загреана рерна , без да ја допирате, топлината што ја чувствувате е инфрацрвена светлина. Оваа невидлива светлина е таа што овој изум ја отстранува од внатрешноста на зградите и ја „праќа“ во вселената.

Секако и сончевата светлина ги загрева зградите. Овој материјал, покрај тоа што се справува со инфрацрвеното зрачење, делува и како извонредно ефикасно огледало што одбива 97% од сончевата светлина што паѓа врз зградите и ги затоплува. Овој материјал може да се поставува на кровните површини на зградите, но исто така и да се испрска врз цврсти материјали.

Технологија овозможува температурата на објектите преку ден да биде за цели 5 степени Целзиусови пониска во споредба со околниот воздух.

Сегашниот прототип на овој материјал е со големина на пица, но научниците веруваат дека може да се произведе и во големина која ќе биде потребна.

Иако се’ уште во зачеток, научниците веруваат дека оваа евтина технологија за ладење за која не е потребна електрична енергија може во скоро време да најде широка примена и секако да ја намали потребата од електрична енергија што е потребна за ладење, што со оглед на глобалното затоплување е се’ поголема.

Во поширока смисла, научниците овој проект го гледаат и како чекор поблиску кон можноста вселенското студенило да се искористи како ресурс. Како што сончевата светлина претставува обновлив извор на соларна енергија, така студенилото на Универзимот може да обезбеди речиси неограничен простор во кој може да се „исфрла“ топлината.

„Секој објект што создава топлина би требало таа топлина да ја отстрани. Она што го направивме ни овозможува да креираме начин да го искористиме студенилото на Универзумот како простор каде преку ден ќе се исфрла топлината“ – велат научниците.

Истражувањето е објавено во списанието  „Nature“.

Енаука.мк (реобјавена статија)

Поддржете ја нашата работа: