Глечер од Антарктикот како извор на вода за пиење

Компанијата The National Advisor Bureau од Абу Даби дошла до необична идеја, да се обиде да го реши големиот проблем со недостатокот на вода за пиење во Обединетите Арапски Емирати.

Имено, од компанијата планираат да доведат голем глечер од Антарктикот, кој од копното е оддалечен 1000 км. а се наоѓа покрај островот Херд. Од еден глечер би можело да се добие доволно вода за еден милион луѓе за период од пет години.

Обединетите Арапски Емирати се една од 10 држави кои немаат доволно питка вода поради изразено сувата клима. Годишно во оваа област паѓа само 100 мм дожд, а експертите прогнозираат голем ризик од суша во наредните 25 години.

Директорот на компанијата Ал Шехи вели дека веќе ја пропатувале транспортната рута и користеле симулатори за тестирање на сигурноста дали планот може да се реализира. Во просек, глечерите во себе содржат 1500 милијарди литри вода. Премногу бавно се топат бидејќи 80% од нивната површина се наоѓа под морето, а делот кој се наоѓа горе, рефлектира сончева светлина и ја одбива нејзината топлина.

По пристигнувањето на опремата, ќе се изгради посебна конструкција, а работниците ќе го минираат глечерот, со цел да добијат свој извор на вода. Блоковите од мраз, така раздвоени ќе се сместат во посебни места за складирање пред процесот на филтрирање. Потоа ќе се транспортираат до 8,800 км оддалечената Фуџаира.

Според добиените резултати од анализите, за превоз на глечерот до Обединетите Арапски Емирати ќе им треба една година.

Директорот на компанијата вели дека глечерот е посакуван поради вода, но во тој проект гледа уште многу потенцијал, со тоа што глечерот ќе им помогне и за туризам и за временските услови. Имено, тие сметаат дека глечерот може да влијае на микро климата и така да предизвика врнежи од дожд, а туристите во голем број да патуваат до нивната земја за да го видат необичниот глечер во многу сушната земја. Проектот планираат да го започнат во 2018та година.

 

Поддржете ја нашата работа: