Светската здравствена организација потврдува – енергетските пијалоци се опасни!

Веќе долго време се смета дека енергетските пијалоци се штетни поради големата количина на кофеин. Сега, Светската здравствена организација ги потврди овие тврдења, истакнувајќи дека зголемената стапка на потрошувачка на енергетски пијалоци е на пат да стане сериозен проблем за здравјето.

Проблемот лежи во тоа што енергетските пијалоци ги конзумираат главно децата. Европската управа за безбедност на храната проценува дека 18% од децата под 10-годишна возраст конзумираат енергетски пијалоци, како и околу две третини од адолесцентите.

Светската здравствена организација ги разгледа достапните научни податоци и ги потврди опасностите по здравјето од толкавото конзумирање на кофеин (понекогаш двојно повеќе од една шолја кафе), кои вклучуваат силно биење на срцето, хипертензија, гадење, повраќање, грчеви, психоза и во ретки случаи смрт. Според податоците на Центарот за наука во јавен интерес, од 2004 година па до сега, 34 лица во САД починале поради конзумирање на енергетски пијалоци.

Научниците од Светската здравствена организација сметаат дека јавноста треба подобро да се информира за опасноста од конзумирањето на алкохол заедно со енергетски пијалоци. Кофеинот го маскира чувството на опиеност, што доведува до труење со алкохол.

Исто така, треба да има горна граница на дозволеното количество на кофеин во една пијачка, во согласност со научните податоци кои ни се на располагање.

Едноставно нема доволно истражувања за тоа колку енергетските пијалоци се опасни и во колкави количини претставуваат најголем ризик. Потенцијалните ефекти врз децата се најзагрижувачки, а најмалку проучувани. Токму затоа се на пат да станат значаен здравствен проблем во иднина, нагласуваат научниците во нивната студија, објавена во „Frontiers in Public Health“.

Поддржете ја нашата работа: