Светски ден за борба против пушењето

Според податоците на СЗО, во светот пушат 1,1 милијарда луѓе. На половина од нив им се заканува смрт од разни болести предизвикани од хемикалиите во цигарите. Според статистичките податоци, секоја шеста секунда умира по еден човек во светот, од рак на белите дробови, на хранопроводникот, на црниот дроб, или од кардиоваскуларни болести предизвикани од пушењето.

Во Македонија се регистрирани околу 700.000 пушачи кои годишно трошат 11 тони цигари.

Пушењето, без конкуренција, е најголемиот ризик фактор за кардиоваскуларни заболувања, предупредува Европското здружение на кардиолози. Во текот на последниве 2-3 години беа направени голем број на истражувања што покажуваат дека секој вид на употреба на тутун е штетен по  здравјето, дури и електронските цигари, кои може да се умерено ефикасни во процесот на откажување од цигарите, но сепак треба да се ограничи нивната употреба. Особено оние со вкусови како на пр. ванила или чоколадо, кои се привлечни за децата.

 

Употребата на тутун се повеќе се зголемува, и во некои земји како на пример во Чешка, Латвија, Литванија, употребата на цигари кај помладите е многу слична со онаа кај постарите. Научниците особено ја нагласуваат важноста да се спречат тинејџерите да почнат да пушат, бидејќи последиците се чувствуваат подоцна во животот. Одговорноста на родителите, како едукатори и како пример за своите деца, е огромна и тие треба да бидат построги и да не дозволуваат нивното дете да пуши.

Пасивните пушачи се исто така во голема опасност. Еден непушач кој живее со својот партнер пушач има 30% поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања. Изложеноста на цигари на работното место исто така претставува сличен ризик.

Секоја година, СЗО одбира тема, односно мото за овој ден за поефикасно да ја пренесе глобалната порака. Овогодинашното мото на Светскиот ден за борба против пушење е „Стоп за недозволената трговија со тутунски поизводи”. Недозволената трговија е глобален проблем, од аспект на здравството, легислативата, економијата, политиката и корупцијата.

Поддржете ја нашата работа: