Телескопот Кеплер откри нови 1284 планети

На пресконференцијата која се оддржа вчера (10 мај 2016 година), НАСА потврди нови 1284 планети, од кои 550 би можеле да бидат слични на Земјата со оглед на нивната големина, а 9 од нив се наоѓаат во зоната погодна за живот, односно зоната каде што температурите се такви што водата би можела да остане во течна состојба.

Со ова всушност се удвојува бројот на планети кои досега се откриени со помош на телескопот Кеплер.

„Ова ни дава надеж дека таму некаде може навистина да постои уште една Земја“, вели Елен Стофан, главен научник во седиштето на НАСА во Вашингтон.

kepler_fig10Телескопот Кеплер беше лансиран во 2009 година во потрага по нови планети надвор од нашиот Сончев систем (т.н. егзопланети), особено планети кои се наоѓаат во зоната погодна за живот, односно планети на кои би можело да има живот.

„Од речиси 5-те илјади потенцијални планети кои се пронајдени до денес, потврдени се повеќе од 3.300, од кои 2.325 со помош на Кеплер“, се вели во соопштението на НАСА. Токму поради тоа Кеплер го доби прекарот „ловец на планети“.

Научниците очекуваат да ги продолжат проучувањата на планетите надвор од нашиот Сончев систем и со помош на новиот телескоп „Џејмс Веб“, кој треба да биде лансиран во 2018 година.

Поддржете ја нашата работа: