Некои луѓе се нервозни кога се гладни. Тоа е всушност феномен кој се јавува само кај некои луѓе и е резултат на процесите што се случуваат во телото кога му е потребна храна. Познат е како феноменот „hangry“ односно кованица од „hungry“ (гладен) и „angry“ (лут, нервозен). Еве што всушност се случува:
Јаглехидратите, протеините и мастите во се она што го јадете се дигестираат во прости шеќери (како глукозата), амино киселини и слободни масни киселини. Овие хранливи материи преминуваат во крвотокот и потоа се дистрибуираат до органите и ткивата, каде што се користат за енергија. Како што времето поминува по вашиот последен оброк, се намалува количеството на овие хранливи материи. Доколку вашето ниво на глукоза значително се намали, мозокот тоа ќе го перцепира како состојба опасна по живот. За разлика од другите органи и ткива кои може да користат различни хранливи материи за да продолжат да функционираат, мозокот е зависен од глукозата. Веројатно веќе сте го забележале тоа кога едноставните нешта ви стануваат тешки бидејќи сте гладни (и ви се намалило нивото на глукоза). На пример, тешко ви е да се концентрирате, зборовите ви стануваат нејасни или пак правите глупави грешки.
Покрај тоа, кога сте гладни, може да ви стане тешко да се однесувате во согласност со прифатливите општествени норми, како на пр. да не можете да ја контролирате нервозата и да им се развикате на луѓето со кои сте најблиски, како на пример пријателите или партнерот. Ви звучи познато?
Покрај намалувањето на количеството на глукоза во крвта, може да почувствувате глад и поради контра-регулативниот одговор на глукоза. Да појасниме.
Кога нивото на глукоза во крвта се намалува, мозокот испраќа инструкции до одредени органи во телото да синтетизираат и ослободат хормони кои ќе го зголемат количеството на глукоза. Четирите главни контра-регулаторни хормони на глукоза се: хормонот за растење кој се лачи од хипофизата, глукагонот од панкреасот и адреналинот (кој понекогаш се нарекува и епинефрин) и кортизолот од адреналните жлезди. Адреналинот и кортизолот се стрес хормони кои се ослободуваат при разни стресни ситуации. Всушност, адреналинот е еден од главните хормони кои се ослободуваат како одговор на ненадеен страв кога нешто и се заканува на вашата безбедност. Во такви ситуации може лесно да се развикате на некој, па истото може да се случи како контра-регулативен одговор наглукоза.
Уште една причина поради која нервозата е поврзана со гладта е тоа што и двете се контролирани од заеднички гени. Производот на еден од тие гени е невропептид Y – природна хемикалија во мозокот која се ослободува кога сте гладни и делува на рецепторот Y1. Тие исто така ја регулираат нервозата и агресијата. Луѓето со високо ниво на невропептид Y во церебро-спиналната течност покажуваат импулсивна агресија.
Покрај овие физички фактори, голема улога играат и психолошките, како на пр. влијанието на културата при директното или индиректното изразување на вербална агресија. Сите ние се разликуваме во однос на психолошките фактори, па затоа и постојат различни начини на однесување додека сме гладни.