Првата трансплантација на пенис во Америка

Само неколку месеци откако успешно беше извршена најобемната трансплантација на лице што досега е направена, хирурзите од САД најавија дека во рок од неколку месеци ќе ја направат и првата трансплантација на пенис извршена во земјата.

Процедурата со која ќе се направи обид да се трансплантира пенис од донор на млад  воен ветеран, ќе биде третата ваква трансплантација досега изведена во светот. Ако биде успешна, хируршкиот тим од Медицинскиот факултет од Универзитетот Џон Хопкинс вели дека ќе продолжи да работи со ветераните кои претрпеле трауматски повреди на гениталиите на бојното поле. Според министерството за одбрана на САД, во периодот помеѓу 2001 и 2013 година, вкупно 1.367 војници се здобиле со повреди на гениталиите за време на службите во Авганистан и Ирак, најчесто како последица од рачно изработени мини кои експлодирале во нивна близина. Повеќето од настраданите војници биле на возраст под 35 години.

Се планира пенисот од мртов донор да се трансплантира на војникот и во текот на неколку месеци потполно да се воспостави нормална уринарна функција, чувствителност на пенисот и сособност за сексуални односи, а доколку тестисите се во ред, дури и да може да стане татко. Иако ова се реални цели – доколку кај пациентот се сочувани одредени нерви, крвни садови и мочниот канал, сепак самата процедура е далеку од сигурна.

Досега се извршени само две трансплантации на пенис во светот од кои само една завршила успешно. Првата трансплантација била делумно успешно завршена во Кина во 2006 година, кога на 44-годишен маж му бил трансплантиран 10 сантиметри долг пенис од  донор. Процедурата траела 15 часа, но само по две недели, пенисот бил отстранет.

И покрај тоа што функцијата на пенисот била целосно воспоствена, пациентот едноставно не можел да се справи со психичките проблеми поврзани со помислата дека на себе има прицврстено дел од туѓо тело и за жал трансплантираниот пенис морал да биде отстранет.

За среќа втората трансплантација се чини дека е целосно успешна. Изведена е минатата година на млад маж од Јужна Африка и не само што била целосно воспоставена функцијата на пенисот, туку тој дури станал и татко.

Тимот од Џон Хопкинс има добиено дозвола да изврши 60 вакви трансплантации во текот на наредните години. Според резултатите ќе биде изработена студија за да се одреди дали постапката може од „експериментална“ да стане достапна како стандарден третман.

Трошоците за конкретнава процедура ќе ги сноси Универзитетот, а цената обично се движи помеѓу 200.000 и 400.000 долари. Во оваа фаза процедурата ќе биде достапна само за воените ветерани. Примателот после тоа ќе мора доживотно да прима лекови против отфрлање на органот и еднократна инфузија со матични клетки од донорот.   

Поддржете ја нашата работа: