Доматите се едни од најнабавуваните производи бидејќи можат да ги направат повеќето рецепти многу вкусни и свежи. Но, кога производот стои на вашиот шанк неколку дена и не сакате да го фрлите, дали треба да ги сместите вашите домати во фрижидер за да се продолжи нивниот рок на траење? Едно ново истражување објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“ ни открива дека чувањето на доматите на ладно место всушност предизвикува тие да го изгубат својот вкус.
Истражувачите откриле дека ладните домати, што всушност се овошје, на која било температура под 12 степени Целзиусови инхибираат ензими кои помагаат во развојот на вкусот. Тие истакнуваат дека чувањето на доматите во фрижидер резултира со „релативно свежи но безвкусни плодови“.
Еден истражувачки тим од Универзитетот во Флорида преземал неколку различни чекори за да истражи зошто комерцијалните домати често се безвкусни, додека пак доматите кои се созреани од сонцето имаат низа на вкусови. Тие започнале со тоа што ги ставиле двата вида на домати во фрижидер во период од еден, три или седум дена. Потоа доматите имале „период на закрепнување“ на собна температура кој траел еден или три дена.
По различните периоди на ладење и закрепнување, доматите биле пробани од 76 волонтери кои го оцениле ладниот домат многу пониско отколку оној кој бил чуван на собна температура. Во последниот чекор, истражувачите проучувале што всушност се случува внатре во ладниот домат на молекуларно ниво со користење на РНК секвенционирање.
Повеќето домати поминуваат низ процес кој не е идеален за создавање на вкус. Тие се берат рано, подложни се на гас за брзо созревање, за да потоа се испратат на потрошувачите.
„Ваквите домати веројатно никогаш нема да се изедначат со оние во вашиот двор кои ги растете 80 или 90 дена“ –изјавува Реџи Браун, менаџер на комисијата за домати во Флорида, која произведува скоро половина од свежите домати во зима во Америка.