Вечерва на небото – „Црна месечина“

Жителите на западната хемисфера, овој петок вечер (30-ти септември), ќе бидат сведоци на ретка астрономска појава – „црна месечина“.

За да ја видат истата појава, жителите од другата половина од светот ќе треба да почекаат до следниот месец.

Постојат повеќе дефиниции за „црната месечина“. Според едни, црна месечина се јавува на секои 19 години, кога во месец февруари нема да се појави полна месечина, додека други велат дека со ова со опишува месецот кога нема да се појави ниедна млада месечина – првата фаза од месечевите мени, кога Сонцето и Месечината имаат иста еклиптична должина.  

Сепак, вообичаена  дефиниција за црна месечина е дека тоа претставува втората млада месечина во истиот календарски месец, што значи дека настанот од овој петок е втор пат во септември кога Месечината ќе биде целосно невидлива на ноќното небо, за тие од западната хемисфера.

Како што е познато, полната месечина се јавува кога страната од Месечината која е свртена кон Земјата е целосно осветлена од Сонцето благодарение на нејзината орбитална положба во одредено време во месецот.

Од друга страна, младата месечина се јавува кога страната од Месечината која е осветлена од Сонцето е свртена спротивно од Земјата што ја прави практично невидлива за голо око.

Како што објаснува „Space.com“, втората полна месечина во еден календарски месец понекогаш се нарекува и сина месечина. Црната месечина е претпоставената друга страна од сината месечина: втората млада месечина во истиот календарски месец.

Црната месечина што претстои ќе се случи во 20:11 часот по источно време на 30 септември за оние од западната хемисфера, која ги опфаќа Северна и Јужна Америка и некои западни делови од Европа и Африка.

На источната хемисфера (Европа, Азија, Африка и Австралија) црната месечина ќе се случи следниот месец, бидејќи првата млада месечина ќе биде на 1-ви октомври, а втората млада месечина –или црната месечина ќе биде на 30-ти, или 31-ви октомври (зависи каде се наоѓате).

Оваа црна месечина следи после уште еден редок настан што можеше да се види на западната хемисфера, првата млада месечина од овој месец беше соларна еклипса „огнен прстен“, затоа што младата месечина исто се случи да помине директно помеѓу Земјата и Сонцето.

Па, како ќе изгледа „црната месечина“ ?

Бидејќи е млада месечина нема да биде видлива, затоа што осветлената страна од Месечинита ќе биде завртена на спротивната страна во однос на Земјата. Значи, нема што да се види – нема да има месечина на небото – што секако ќе биде многу интересно.

После два дена, со зголемувањето на младата месечина ќе може да се забележи и тенокиот сребрен срп.

На видеото на НАСА подолу, се прикажани месечевите мени погледнати од страната на Месечината.

Поддржете ја нашата работа: