Бидејќи бројот на вегани во светот, а и кај нас расте, експертите од областа на медицината, а особено нутриционистите имаат сосема поделени мислења за тоа дали и до кој степен веганската исхрана е здрава за луѓето, а особено за децата.
Веганската исхрана може лошо да влијае на здравјето на децата – предупредуваат лекарите од Данска, каде е се поголем бројот на вегани.
Според вегетаријанската асоцијација на Данска, само во минатата година бројот на вегани се зголемил од дваесет и пет до триесет и пет илјади. Сепак, само неколку центри за грижа на децата нудат ваква диета и постојат причини за тоа.
Дали е добро децата да се хранат на таков начин е прашање за кое експертите уште немаат конечен одговор. Многу педијатри сметаат дека таквата диета е опасна за детското здравје, го нарушува правилниот развој и не обезбедува доволно хранливи материи и енергија.
Без храна од животинско потекло
Да се биде веган подразбира во исхраната да не се користи храна од животинско потекло и да не се употребуваат производи кои содржат материи од животинско потекло. Воопшто веганите го застапуваат начинот на живот кој исклучува секој вид на суровост над животните.
Во една од најголемите болници во Копонхаген, Данска (Rigshospitalet), секоја година се забележува барем еден случај кој покажува дека веганскиот начин на исхрана е штетен за детското здавје. Имено, како последица од таквиот начин на исхрана настанале сериозни оштетувања на мозокот кај помали деца. Тие се деца кои не јадат месо, риба, јајца, мед и млечни производи.
Веганската исхрана предизвикува недостаток на витаминот Б12, железо, цинк и калциум. Храната од животинско потекло (месо и млечни производи) е единствен извор на витамин Б12, кој е неопходен за создавање на црвените крвни зрнца, но и за оптимално функционирање на нервниот систем.
Кај постарите лица, витаминот Б12 спречува деменција, а кај децата е корисен за развој на мозокот. Заради тоа педијатрите предупредуваат дека вегаската исхрана кај децата го загрозува нивното здравје.
Алан Лунд, главен доктор од данската болница, тврди дека можат да се развијат разни симптоми на мозокот и мускулна слабост, можеби и епилепсија, а долгорочно можат да се јават ментални и физички нарушувања.
Генералниот секретар на данската вегетаријанска организација има сосема спротивни аргументи: тој посочува дека неговата организација е основана од лекари од 1896 година и дека соработката со истите лекари трае веќе 122 години. Смета дека во Данска постои недостаток на знаење помеѓу педијатрите, бидејќи истите можеби се експерти за деца, но не и за исхрана.
Без оглед на спротивните ставови и мислења, луѓето го прават она што мислат дека е најдобро за нивните деца. Сепак, важно е секое дете да има мени прилагодено за неговите потреби.