Вегетаријански роднина на Тираносаурусот

„Chilesaurus diegosaurezi“ е откриен на југот на Чиле, каде живеел пред околу 150 милиони години и изгледа како мозаик од неколку други диносауруси.

Тој имал мала глава, тело долго три метри, мали раце како Т-рекс, но со заоблени прсти наместо канџи. За разлика од Т-рекс, имал широки задни нозе, повеќе слични на тие како кај „Diplodocus“, додека карличниот појас му бил наведнат наназад како на „Triceratops

„Според забите и вилиците, овој диносаурус се хранел со растенија, но сѐ останато од скелетот изгледа како чуден спој од различни месојадни и тревопасни диносауруси“ – вели Дарла Зеленитски, палеонтолог од Универзитетот Калгари во Алберта, Канада.

Тогаш, постои ли можност оваа бизарна комбинација од карактеристики да е резултат на погрешно споени фосилни остатоци од различни динсуруси?

Фернандо Новас од Аргентинскиот природно-научен музеј во Буенос Аирес и неговите колеги, откриле и составиле повеќе од  десет примероци, повеќето од нив целосно, со што се отфрла ваквата можност.

Се чини дека „Chilesaurus“ припаѓа на групата тероподи. Ова е базирано на карактеристиките на вратните пршлени, како и од поставеноста на мускулите од карлицата и опашката, кои му овозможувале да се движи како Т-рекс, иако многу побавно.

„Chilesaurus“ претставува еден од најбизарните диносауруси што десега се откриени. Не припаѓа на ниеден вид од познатите тероподи, туку претставува една еволутивна сложувалка. Ова откритие е предизвик на актуелната теоријата дека тероподите прво биле месојади и еволуирале во тревојади , а во птици многу подоцна“- вели Новас.

„Chilesaurus“ не е првиот диносаурус тревојад, но веројатно е еден од најраните. Тревојадите практично не се видени во раниот период на тероподите, но овој вид и уште некои откриени во Кина, покажуваат дека ваквиот начин на исхрана бил многу пораспространет во групите чии членови биле типични месојади , отколку што се мислеше порано, вели Зеленитски.

Откритието е објавено во списанието „Nature“.

 

Поддржете ја нашата работа: