Веќе постоечки лекови како ефикасен третман на ебола

И бидејќи овие лекови веќе имаат одобрување од ФДА за други намени, тие би можеле да бидат достапни многу побрзо отколку новите лекови за ебола кои допрва се развиваат.

Под нормални околности, развивањето на нови лекови и добивањето на одобрување од ФДА може да потрае десет до петнаесет години и ќе чини над една милијарда долари. Оттука произлегува потребата за тестирање на постоечките лекови за нови цели. Лековите како „zoloft“ и „vascor“, за кои веќе е докажана безбедноста, може да ги заобиколат „in vitro студиите“, тестирањето на животни, како и првата фаза на клинички испитувања за да одат директно на последната фаза од клиничките испитувања.

Главниот автор Лиза Јохансен и нејзините колеги започнале со колекција од околу 2.600 соединенија, кои ги тестирале против „Zaire ebolavirus“ во лабораторија. Над сто од соединенијата покажале активност против вирусот. Од нив, 80 веќе имаат одобрување од ФДА за други намени.

На крајот, истражувачите избрале четири лекови за тестирање. Тие инфицирале глувци со ебола, а потоа, еден час по изложувањето започнале да ги третираат со лекови.

Два од лековите биле особено ефикасни: „zoloft“ и „vascor“. Триесет дена по инфекцијата, 70 проценти од глувците третирани со „zoloft“ (хемиско име сертралин)  и сите глувци третирани со „vascor“ (бепридил) преживеале. Сите глувци од контролната група починале до 9-тиот ден, известуваат истражувачите во„ Science Translational Medicine“.

Блокирање на инфекцијата

Сертралин е еден вид на антидепресив наречен инхибитор на серотонин. Неговата функција е блокирање на реапсорпцијата на една хемикалија во мозокот наречена серотонин. Бепридилот третира висок крвен притисок и го спречува калциумот да навлезе во клетките што се наредени на ѕидовите на крвните садови. На тој начин крвните садови се опуштени или затегнати.

Но, нешто друго се случува кога овие лекови се соочуваат со ебола. И двата се чини дека го спречуваат вирусот да навлезе во клетките-домаќини, иако научниците се’ уште не се сигурни како точно изгледа процесот.

Вирусите како ебола ги користат истите клеточни патишта кои се користат за снабдување и исфрлање на хранливи материи. Прво, протеин на вирусот се врзува со рецепторот на надворешната страна на клетката.  Во одговор на тоа, клеточната мембрана се обвиткува околу вирусот и формира ендозом. Потоа, ендозом се отвора и му овозможува на вирусот да навлезе во клетката.

Во меѓувреме, вирусот има своја заштитна обвивка. Обвивката се спојува со ендозомот, а потоа се отвора, ослободувајќи смртоносна количина на РНК од вирусот во клетката и создавајќи повеќе вирусни честички. Тука стапуваат на сила сертралинот и бепридилот, според Јохансен и нејзините соработници. Истражувачите сметаат дека овие лекови спречуваат спојување на обвивката на вирусот со ендозомот, што значи дека вирусот не може да ја ослободи својата РНК во клетката.

Јохансен и нејзините колеги се’ уште немаат побарано дозвола од ФДА за клиничко испитување. Тимот во моментов работи на претклинички проценки, и исто така ги проучува начините за создавање на соединение кое ќе биде максимално ефикасно.

„Болестите, сериозни како еболата, бараат силна активност и се надеваме дека ќе постигнеме уште подобри резултати со комбинации”, велат авторите.

Прилично е тешко да се дизајнираат клинички испитувања за болести како ебола – ретка и интензивна епидемија. Лековите може да се тестираат само за време на епидемијата, но, може да биде тешко да се создаде експериментален третман во средината на појавата или да се добие согласност од пациентите кои често се премногу болни за ефективна комуникација. Лекарите во Западна Африка се борат со сите овие фактори. Сега, кога се чини дека епидемијата е при крај, е вистинско време да се разгледаат можностите.

Целта е, се разбира, постоење на ефективен третман во моментот кога еболата повторно ќе нападне.

Поддржете ја нашата работа: