Како вонредна мерка за да се намали проблемот со недостатокот на електрична енергија, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, објави јавен декрет со кој во април и мај, петок се прогласува за неработен ден за вработените во јавниот сектор.
Снабдувањето на земјата со електрична енергија главно се потпира на хидро-електраните. Промените предизвкани од Ел Нињо направија Венецуела да се соочува со најголемата суша во последните 47 години, а акумулацијата Гури е под особен притисок.Таа обезбедува околу 75% од потрошувачката на електрична енергија на главниот град Каракас и 40 % од севкупните потреби на државата, но сега се наоѓа на опасно ниско ниво.
Во телевизиското обраќање, Мадуро апелирал нацијата да ги поддржи напорите за намалување на потрошувачката на електрична енергија.
Според планот, вработените во јавниот сектор, освен тие кои се вклучени во производство на храна ќе работат четири дена во неделата, но се охрабруваат да бидат позитивен пример, со тоа што ќе бидат попродуктивни за да го надоместат „слободниот“ ден.
Иако, овој тридневен викенд формално не се однесува на приватниот сектор, се очекува големите бизниси како што се трговските центри, хотелите и тешката индустрија, секој петок или сами да генерираат електрична енергија или да ја намалат потрошувачката на енергија и вода за 20%.
Овие потези следуваат после неодамнешните напори да се надмине енергетската криза кога нацијата практично не работеше цела недела за време на Велигден. Мауро тврди дека со оваа акција биле зачувани 22 сантиметри од водата во акумулацијата Гури, што е еднакво на 400 мегавати енергија.
Нивото на водата во акумулацијата моментално е на 243 метри над морското ниво, но владата предупредува дека ако падне на 240 метри, хидроцентралата можеби ќе мора да се затвори за да се избегнат оштетувања на турбините. Ако тоа се случи, Венецуела ќе има значителен недостаток од електрична енергија и ќе бидат потребни строги рестрикции за да може да се обезбеди струја за критичните области.
Но, противниците на оваа идеја тврдат дека декретот е нелогичен, бидејќи луѓето и дома ќе трошат струја.
Сепак, на повидок се добри вести, бидејќи со промената на годишните времиња и почетокот на сезоната на дождови во регионот би требало наскоро да започне зголемување на нивото во акумулациите, со што би се избегнале понатамошните рестрикции.