Виртуелната реалност стана позната по својата забавна страна и се предвидува дека во следниве 10 години ќе ја надмине побарувачката на телевизорите. Но, иако се фокусира на забава и игри, нејзината најголема примена е во областа на медицината и веќе игра голема улога во некои медицински области.
Една од тие области е виртуелната хирургија. Виртуелната реалност се користи за да се симулираат разни медицински ситуации, од операција на мозок до вештачко дишење. Така се создаваат извонредни искуства за студентите, при што значително се подобрува процесот на учење.
Едно истражување во рамките на здравствениот систем на Мајами покажа дека студентите кои се обучуваат со помош на виртуелна реалност запамтиле 80% од информациите, додека оние кои биле обучувани на традиционалниот начин само 20%.
Покрај тоа, има уште многу можности, како на пример симулирање на самата операција уште пред да започне, или предвидување на исходот од одредена постапка.
Покрај тоа, виртуелната реалност може да се користи како ефикасен третман за фантомската болка во екстремитетите, односно чувството на болка во дел од телото кој е ампутиран, што се забележува кај повеќе од половина од лицата на кои им е апутиран некој екстремитет или дел од екстремитет.
Исто така, може да се користи за да се одвлече вниманието од болката преку создавање на нов свет, односно чувство на присуство во друг свет.
Виртуелната реалност веќе се користи за третирање на одредени ментални состојби, како на пример за терапија што им овозможува на пациентите да се соочат со своите најголеми стравови во симулирана животна средина. Замислете некој кој има неконтролирачки страв од летање да може полека да го победи својот страв во симулирана средина, пред да треба да стапне во вистински авион. Исто така, може да се користи за третман на пост-трауматскиот стрес и слични состојби.
Но, сепак, ова е само почетокот на оваа технологија и можеме само да замислиме што е следно. А благодарение на виртуелната реалност, повеќе не сме ограничени во тоа што можеме да го замислиме.