Научниците најпосле беа во можност да ги уништат симптомите на дијабетес и да го вратат панкреасот во функција на глувци, ставајќи ги на режим на исхрана-постење.
Трикот со постење кој се користи како режим на исхрана еден месец, може да биде доволен за да се рестартираат клучните функции на органот и да се врати инсулинската продукција, велат научниците.
Дијабетес се јавува кога панкреасот не е во можност да направи инсулин (тип I) или е оштетен од инсулинска резистенција (тип II),а како што вели тимот од Универзитетот во Јужна Калифорнија, исхраната може да ги промени симптомите на двата типа дијабетес кај глувците.
Кај луѓето, постот е заслужен за помош при ефикасно губење на телесна маса, а претходните студии велат дека го намалува ризикот од болести како срцеви заболувања и рак. Една постара студија пак вели дека постот го забавува процесот на стареење.
Во текот на експериментите, глувците биле ставани на модифицирана форма на диета која го имитира постењето.
Кога постиме пет дена со нискокалорична и нископротеинска исхрана, намален е внесот на јаглени хидрати во организмот, а истовремено во организмот се внесуваат поголем број на незаситени масти. Тоа наликува на веганска исхрана со супи, но со околу 800 до 1.100 калории дневно.
Научниците откриле дека ова е доволно за да се регенерираат бета клетките во панкреасот, одговорни за чување и ослободување на инсулин. Оштетените клетки биле заменети со оние кои работат.
Научниците се надеваат дека овие експерименти ќе бидат прилагодливи кај луѓето за помош при лекување на дијабетес и враќање на функцијата на панкреасот, без дополнително човекот да се потпира на лекови.
“Научно, наодите се можеби уште поважни отколку што се мисли, бидејќи ние покажавме дека луѓето можат да ја користат исхраната за да се програмираат клетките, без да се направат било генетски промени. Интересен е фактот дека овој систем отсекогаш бил тука, а сега кога го откривме, полесно ќе најдеме начин за да делуваме и да го искористиме за придобивки на здравјето кај луѓето.” вели Валтер Лонго, автор на студијата.
Следниот чекор е да се постави клиничка студија кај луѓето, а подготовките за тоа веќе се во тек.