Алон Гери и Моти Ависар се ветерани на израелските воздушни сили и ко-основачи на „Surgical Theatre“ – компанија која овозможува виртуелна реалност на хирурзите на мозокот.
Тие развиле нова технологија која им овозможува на хирурзите да навлезат во мозокот на пациентот, да го истражат заболениот регион, да изработат стратегија за влез и излез, па дури и да ја испробаат самата операција за кога ќе дојде време за операцијата да знаат што ги очекува и да можат беспрекорно да ја завршат својата работа.
Новата технологија ја развиле откако интензивно работеле на симулација на летови и притоа откриле многу сличности со операциите на мозокот – и воените пилоти и хирурзите имаат ограничено време и висок степен на ризик при кои треба да ја таргетираат и отстранат метата, со минимална колатерална штета.
Оваа технологија, наречена „SNAP“ (Surgical Navigation Advanced Platform) користи постоечки скенови со магнетна резонанца за да создаде 3Д модели, кои се компатибилни со виртуелна реалност.
Виртуелната реалност дури им овозможува и на пациентите да учествуваат во процедурата, односно да видат како ќе се одвива целата операција поради што може да се чувствуваат поудобно, како да имаат контрола над ситуацијата, и да бидат задоволни од резултатите.
Досега оваа технологија се користи во девет локации и се направени околу 900 операции. Научниците велат дека операциите се поуспешни и дека пациентите побрзо заздравуваат бидејќи оваа технологија им овозможува на хирурзите да избегнат какви било непотребни засеци.
Текстот е преземен од „Business Insider“.