Фирма за роботика од Калифорнија го претстави првиот робот кој е направен со единствена цел да повредува луѓе.
Како што известува „Fast Company“, авторот на оваа машина Александар Ребен од Универзитетот Беркли решил да ја направи оваа застрашувачка креација откако забележал дека многу луѓе ширум светот се плашат од роботите.
Иако, како што вели Ребен, не знае што е причината за овој страв, стравот може да потекнува од фактот дека машините може да претставуваат физичка опасност за луѓето, ако нешто тргне погрешно, како и од тоа што постојано слушаме дека роботите ќе ги преземат нашите работни места, па дури и нашава планета.
Затоа, за да соочи неколку волонтери со овој страв, Ребен го измислил првиот робот кој намерно предизвикува болка.
Самиот робот всушност претставува една црна кутија на која одозгора има прицврстено механичка рака. Корисникот – ако може така да се каже, го става прстот помеѓу две рачки, кои го предупредуваат роботот за неговото присуство. Во истиот момент, роботот го боцка прстот, предизвикувајќи крварење.
Роботот е дизајниран да им се спротивстави на Трите закони на роботиката, напишани од Исак Асимов во неговата кратка приказна „Runaround“ во 1942 година. Тие гласат:
-Роботот не може да му наштети на човекот, или преку негово недејствување да овозможи човекот да се повреди.
-Роботот мора да ги почитува наредбите што му се дадени од човекот, освен кога ваквите наредби би биле во конфликт со Првиот закон.
-Роботот мора да го штити својот опстанок, се додека таквата заштита не е во спротивност со Првиот и Вториот закон.
Овие закони долго време се предмет на внимателно разгледување на многу филозофи и други етичари, со цел подобро да се разбере како ќе се справуваат луѓето со неизбежната растечка моќ и бројност на компјутерите, но ова е прв пат некој намерно да ги прекрши за да ги натера луѓето вистински да размислуваат за ова и во физичка смисла.
Додека Ребен избрал понасилен пат, други научници ширум светот се обидуваат да ги направат роботите понежни и сочувствителни. На пример, претходно оваа година научниците од Германија почнаа да прават роботи кои и самите можат да почувствуваат болка, што би требало да ги заштити луѓето со кои работат.
Уште не се знае како роботот на Ребен ќе влијае на етичките дискусии што се водат помеѓу научниците во врска со роботите, но да се надеваме дека ќе предизвика некаков разговор, што всушност е и главната поента.
Подолу може да го погледнете роботот во акција (предупредуваме, малку е гадно!)