Наскоро – Роботи што чувствуваат болка?

Научниците градат роботи кои можат да одат и да зборуваат како човекот, но сега им даваат уште една човечка особина што не ја очекувавме – способност да чувствуваат болка. Ако ништо друго, ова ќе ни даде шанса за преживување доколку некогаш се обидат да го уништат човештвото.

Научниците кои стојат позади оваа технологија сметаат дека треба да се создадат вакви роботи кои ќе чувствуваат болка за да можат да се заштитат себе си од болка, како и луѓето кои ќе работат со нив.

Всушност, тие го опишуваат тоа што го развиваат како „вештачки роботски нервен систем“ и го користат човековиот нервен систем како инспирација.

За овој вештачки роботски нервен систем да може да функционира, треба да биде во можност да го почувствува изворот на болката (на пр. нож или оган) и да одлучи што да направи во врска со тоа (соодветна рефлексна акција).

Научниците тестирале некои од нивните идеи користејќи роботска рака со сензор на прстите кој може да детектира притисок и температура. Користи парче „роботско ткиво“ моделирано според човечката кожа, за да одлучи колку болка треба да почувствува и што треба да преземе во врска со тоа.

Ако раката почувствува мала болка, полека се повлекува се додека болката не престане и потоа се враќа на првобитната задача. Силната болка предизвикува раката да се заклучи и да не мрда додека не добие помош од човекот. Ова е особено важно со оглед на тоа дека најверојатно ќе доживееме да видиме како се’ повеќе роботи работат заедно со луѓето, па доколку тие можат да почувствуваат болка, и соодветно да изреагираат, на тој начин ќе ги предупредат луѓето околу нив и ќе ги заштитат.

Развивањето на способноста за учење кај роботите е една од најпредизвикувачките работи на светот, но е од суштинско значење бидејќи ќе ги направи поинтелигентни. Процесот на учење вклучува обиди и грешки. Кога децата ќе научат дека паѓањето предизвикува болка, следниот пат се трудат да бидат повешти. Истото сакаме да го постигнеме и кај роботите, истакнуваат истражувачите.

Нивната работа е се’ уште во тек, но нивните досегашни експерименти ги претставија на Меѓународната конференција за роботика и автоматика во Стокхолм, Шведска. Со текот на времето, нивната работа би можела да доведе до роботи кои се’ повеќе наликуваат на луѓето.

Поддржете ја нашата работа: