Австралиската комисија за сообраќајни несреќи избрала многу необичен начин како да го сврти вниманието на луѓето за повредите со кои може да се здобијат при сообраќајни несреќи.
Тие го изработиле овој хуманоиден модел кој го нарекле Греам (Graham).
Развиен од врвен хирург-трауматолог од болницата Ројал Мелбурн, во соработка со истражувачите за сообраќајни несреќи, оваа морничава скулптура покажува како би изгледал човекот, доколку би бил создаден да може да издржи судир на возила.
Намената на овој потфат е да ја подигне свесноста за тоа колку е ранливо човековото тело и да ги потсети луѓето дека ние не сме „направени“ да може да преживееме сообраќајни несреќи.
Како што може да се забележи, Греам има многу помасивен череп, речиси како кацига, во споредба со нормалниот череп. Според креаторите, во черепот има исто така вградено посебен дел кој може да ги апсорбира силите од ударот и да спречи оштетување на мозокот.
Лицето е рамно и прекриено со масно ткиво со цел да спречи кршење на тенките лицеви коски, како што се јагодичните или носните коски за време на ударот. Воопшто нема врат, а ребрата достигаат сѐ до черепот, за да се избегнат повредите на вратот, кои се многу чести при судирите.
Градниот кош е во вид на буре, а чудните доплнителни брадавици се всушност мини-водушни перничиња помеѓу ребрата, со што се обезбедува дополнителна заштита за срцето и другите витални органи.
На бизарните нозе (како од некој вонземјанин) им е додаден дополнителен зглоб, бидејќи нашите нефлексибилни глуждови и нозе могу често страдаат при сообраќајните несреќи.
„Греам е едукативна алатка што со години може да и служи на заедницата како потсетник зошто е потребно да развиваме што побезбедна патна мрежа “- вели Џо Калафиоре, извршен директор на Комисијата.
И бидејќи не изгледаме вака (фала Богу), секогаш кога ќе седнете зад воланот – возете внимателно!