Во едно истражување, објавено во „PLOS One“, истражувачите откриваат дека ракот од видот „Birgus latro“ или уште познат и како кокосов рак, кој веќе ја има титулата на најголемиот рак на Земјата, исто така има и најсилен стисок.
Главниот истражувач Шин-Ичиро Ока и неговите колеги го откриле ова додека ја тестирале силата на 29 ракови од овој вид во Окинава, Јапонија. Овие ракови се застапени во Јапонија, како и на островите низ Пацификот.
Научниците откриле дека и мажките и женските ракови имаат подеднаква сила, кога станува збор за стисокот, која се зголемува пропорционално со големината на телото (колку поголеми, толку посилни).
Така истражувачите пресметале дека најголемиот рак (кој тежи околу 4 килограми) би можел да има стисок од околу 3300 њутни, што е посилно од кои било други видови на рак.
Секако, има и посилни животни, како на пример крокодилите и алигаторите кои можат да гризнат со сила од 16.700 њутни, но во светот на раковите, овој рак е најсилниот.
Оваа сила му овозможува да ги искористи изворите на храна кои за другите животни се непробојни, како што се на пример другите ракови и се разбира кокосот (од каде го добил и прекарот).
За жал, додека овие ракови се доволно застапени во Окинава (бидејќи се заштитени со владини регулативи), на другите места во светот нивната популација опаѓа. Научниците ќе продолжат со истражувања за да ја проучат историјата и животот на овие ракови, што може да доведе до спас на нивната популација.