Жирафите зборуваат

Од многу одамна истражувачите се обидуваат да откријат како жирафите комуницираат, бидејќи тие сепак живеат во системи каде што е потребен некаков вид на вокална комуникација. Но сѐ досега, никој нема слушнато друг звук од жирафите, освен некој вид чудно ‘рчење.

Некои научници шпекулираат дека физички е невозможно овие животни да продуцираат звук поради долгиот врат, додека други веруваат дека тие комуницираат инфразвучно, што значи дека звукот е многу низок за да може човечкото уво да го слушне.

Но, после детално разгледување на речиси 1.000 часови снимен материјал од три различни европски зоолошки градини, научниците од Универзитетот во Виена, Австрија, откриле дека жирафите сепак комуницираат вокално, во опсег што човекот може да го слушне, но звучните сигнали се на многу ниска фреквенција и се одвиваат во ноќните часови.

Овие звуци, во вид на мрморење, кои биле забележани во сите три места каде што се снимани жирафите, биле со фрекфенција од 92 Hz, што значи дека може да се слушнат, но се многу ниски. Овие звуци доаѓале во различна должина и во различна комбинација на тоновите.

 

Слушнете како жирафите „зборуваат“ на следниов линк.

Интересно, кога научниците им ги пуштиле снимките на чуварите во зоолошките градини, тие тврделе дека никогаш претходно не слушнале такви звуци.

Научниците сѐ уште не се сигурни дали ова мрморење е начин на комуникација помеѓу жирафите, или се тоа пасивни звуци, слично на ‘рчењето.

Научниците не биле во можност да ги набљудуваат жирафите додека мрморат, но се надеваат дека во следните обиди ќе успеат да откријат зошто служат овие звуци, како и да дознаат повеќе за социјалната структура кај жирафите.

Истражувањето е објавено во „BMC Research Notes“.

Поддржете ја нашата работа: