Речиси 60% од човечкото тело се состои од вода. Три четвртини од мозокот и срцето се составени од вода, 83% од белите дробови се вода, па дури и коските се 31% вода.
Секојдневното конзумирање на доволно количество вода е особено важно, со оглед на фактот дека водата ги подмачкува коските и зглобовите, ја регулира температурата на телото и го потхранува мозокот и ‘рбетниот мозок. Без вода, набрзо ќе ја изгубиме енергијата, ќе ни се намали расположението и крвниот притисок и кожата ќе ни станува се посува.
Хроничната дехидрација, што подразбира недоволно конзумирање на вода во подолг временски период, може да придонесе за развој на состојби како дијабетес, зголемување на тежината, проблеми со кожата, висок холестерол, висок притисок, дигестивни проблеми, замор и запек.
Хидратацијата е нешто што треба да си го сфатиме многу сериозно, иако поголемиот дел од нас го поминуваат денот без да сфатат колку се дехидрирани.
Новото видео на „TED-Ed“ ги опишува телесните процеси што се одвиваат кога не пиеме доволно вода, или кога пиеме премногу.
Кога нашето тело ќе дехидрира, сензорните рецептори во хипоталамусот (центарот за жед) сигнализираат ослободување на антидиуретичен хормон. Овој хормон доаѓа до бубрезите и активира аквапорини – посебни канали кои овозможуваат крвта да задржи повеќе вода, со што помалку вода излегува од нашето тело. Ова предизвикува потемна боја на урината.
Дехидрираниот мозок се намалува поради недостатокот на вода и мора понапорно да работи за да го постигне истото тоа што го постигнува хидрираниот мозок. Мозокот всушност активира механизми за копирање за да ја задржи својата функција, но тоа не може да трае премногу долго. Ако целосно престанеме да пиеме вода, нашето тело ќе доживее многу посериозни последици и евентуално смрт.
Па, колку вода треба да пиеме? Порано научниците велеа дека секој човек треба да пие 8 чаши вода дневно, но како што се објаснува во видеото, дневното количество на вода што треба да го конзумираме зависи од нашата тежина и средина – околу 2,5 до 3,7 литри за мажи и 2 до 2,7 литри за жени.
Значи, пијте доволно вода и останете полни со енергија, истовремено спречувајќи ги негативните последици од хроничната дехидрација.