Зошто извикуваме „АУ“ кога нѐ боли?

Едно неодамнешно истражување од Универзитетот во Сингапур сугерира дека вокализацијата го попречува сигналот за болка што патува до мозокот, за да ги оттргне од вас непријатните сензации што ги чувствувате.

Истражувачите извршиле тестирање на 56 лица. Секој од учесниците требало да ја потопи едната рака во многу ладна вода (да може да предизвика болка) четири пати одделно. Секој пат, од учесниците било побарано или да извикаат „Ау“, да слушаат снимка како некој извикува „Ау“ , или да притиснат копче или да останат пасивни и да молчат.

Се покажало дека во случаите кога можеле да викнат или да притиснат копче, учесниците подолго ја издржале болката – во просек 30 секунди, во споредба со случаите кога не го правеле ниту едното ниту другото – кога издржале во просек 23 секунди.

Наодите сугерираат дека вокалната манифестација може да претставува ефикасен начин за справување со болката. Претпоставка на истражувачите е дека овој процес во голема мерка се случува преку моторичките процеси. Движењата на мускулите потребни за да се викне гласно (или да се притисне копчето), можат да ја прекинат пораката за болка што патува од зафатеното подрачје до мозокот.

„Додека правите некое движење, вие сте свесни за она што го правите. Таа свесност за тоа што се случува со вашето тело, додека викате од болка или правите некоја друга активност, до одреден степен ја намалува вашата свесност за болката“ – велат истражувачите

Секако, овие наоди се сугестибилни и потребни се дополнителни податоци за да се одреди во кој обем вокализацијата помага да се зголеми толеранцијата на болка во различни ситуации и дали овие наоди се применливи и за хроничната болка.

Наодите од истражувањето се објавени во „The Journal of Pain“.

Поддржете ја нашата работа: